Дек(A)шер колумна за в торба

Јас (не)мислам така јас имам ст(р)ав

Фото: Четирите јавачи на Апокалипса (1887) Викторија Вансетсова

Јавачи на Апокалипса

 

Консензуално и предвремено.  Во Македонија се е подготвено за да си остане се по старо. Ке има овде онде по некоја промена но само во нијанси. Принципот ќе биде ист. “Прицип је исти све су остало нијансе“-што би рекол генијалниот Балашевиќ. Досегашните актери на политичката сцена , Груевски и Ахмети, едниот демохристијанин кој иконата на христос ја заменил со Букефал, коњот на Александар, другиот марксист ленинист кој “јава“  на коњот на Ѓорѓија Кастриот-Скендер бег, добро јаваат на “апокалипсата“ Македонија. Тука некаде ќе биде и третиот јавач Тачи. Фали уште четвртиот Црвенковски, но по се изгледа тој ќе делува “иза застора“, од зад завесата, така што сликата за четирите јавачи на апокалипсата ке биде комплетна.   Воведот во “армагедонот“ го најави Ахмети со ултимативното барање “или консензуален претседател или предвремени парламентарно избори“. Што значи консензуален претседател само нему и на малкумина му е јасно. Но дека тоа е услов, односно дека недавањето консензуален претседател од страна на неговиот партнер Груевски е причина за предвремени парламентарни избори тоа е приказна за наивни. И на врапчињата на гранките им беше јасно дека нив ќе ги има. Ако не порано тогаш од август минатата година кога буквално целото раководство на ВМРО-ДПМНЕ  ја прошета цела Македонија “уздуж и попреко“, а најмногу таму каде што битисуваат Торбешите(Река и Струшки Дримкол).

Да се разбереме, институцијата претседател на Р. Македонија секако е престижна и значајна, но имајќи ги предвид малите уставни ингеренции на претседателот во однос на тие на премиерот и фактот што претседателот мора да да биде партиски војник, станува јасно дека ваквите партиски, ако сакате и национални игри околу тоа се само замајување на јавноста и дефокусирање од вистинските проблеми. Згора на тоа така и се ќари по некој политички поен, а во сопствената братија се создава слика за спасител на своите од опасноста на оние другите. Така да не пијат вода овие игри. Ако тоа е важно и ако консензуален кандидат значи кандидат околу кој консензуз би изградлиле двајцата лидери на владеачките партии, сигурен сум дека Груевски и Ахмети многу лесно ќе го договореа. Но во друга грмушка лежи зајакот.

Охрабрени од огромниот успех на ланските локални избори на кои опозицијата беше згазена како “жаба од шлепер“, стратезите од штабот на ВМРО-ДПМНЕ прават планови истото да го повторат тоа и на предвремени парламентарни избори, додека опозоцијата е дезориентирана, разединета и неспособна да се спротивстави и да излезе на мегдан како рамноправен јунак наспроти оваа власт. Така ќе си обезбедат нови четири години владеење.

Згора на тоа ако евентуално се случат некакви промени во албанскиот кампус  и евентуално самоуверениот и понегогаш непослушниот Ахмети да биде заменет со некогашниот “војвода“ но дрзок, непослушен и своеглав Тачи кој по долги години во опзиција станува се помек и „поконструктивен“, смекнат како пустеќија и спремен на се, само да се дочепа до власта. Експериментот во Струга со неговиот пулен, “ратоборниот“ и “екстремен националист“, Села дава надежи и добри симтоми за успешност на тој план.

Села и неговиот џокер, председавачот на Советот, Ќазимоски откако  ја искористија политичката магла и  верски наострената,  вжештена состојба која ја создаде Бранко Црвенковски со “православната коалиција“ со ВМРО и Фијат Цаноски со “непринципиелната коалиција“ со ДУИ, и добија енормен број гласови, не само од Албанците туку и од Турците, Египќаните и најмногу од Торбешите, набрзо се претворија во кротки јагниња. Без подршката од ВМРО не можеа ни претседавач да изберат а камо ли нешто друго. Клекнаа на колена како наивна Црвенкапа, како јагне пред волкот, а сопствените гласачи ги разочараа со безброј нерационални потези. Особено торбешките гласачи од Октиси, Подгорци, Лабуништа и Боровец каде во последно време ВМРО триуфално навлегува присвојувајќи ги гласачите и на ДУИ и на ДПА и пред се тие на ПЕИ.

И уште една навидум незабележлива но значајна појава на македонската политичка сцена. Имено, од сите партии на заедниците под 20% ,само ПЕИ имаше пратеничка група надвор од “големата четворка“ со пет пратеници, една Македонка(Ленче Николовска), еден Бошњак(Сафет Бишевац) и тројца Торбеши(Фијат Цаноски, Мевмед Џемајлоски и Рејхан Дурмиши). Сите други поединци или партии на помалите заедници или никаде ги немаше или беа и се невидливи сателити на големите партии. Оние што ја следат политиката во Македонија знаат какви главоболки му создаваа тие “нерамковни и неуставни“ Торбеши, уште на првата седница кога пратеникот Мевмед Џемајлоски побара да гласаат според принципот на Бадинтер а спикерот Велјановски мораше дури Уставот да го крши по принципот “тази дупка не е дупка“ и да дава нелогични и паушални објасненија за да го оневозможи тоа. Негова среќа, но несреќа на нас граѓаните,  што Мекедонија не е правна држава. Да не беше така тој трба да одговара за кршење на Уставот.

Тој, можеби најголем успех во своето постоење ПЕИ го прокоцка на минатогодишните локални избори кога од само ним познати причини, наводно заради задржување на партијата на политичката сцена го загуби кредибилитетот и кај партнерот СДСМ на кого им го сврте грбот и кај сопствените гласачи кои беа разочарани од, како што напоменав, “непринципиелната“ коалиција со ДУИ. Рака на срце тоа и не беше коалиција туку бришење на името на партијата од гласачките ливчиња. Епилогот познат. Во Река тежок пораз на ДУИ и ПЕИ од ВМРО, во Струга тежок пораз на ДУИ и ПЕИ од ДПА.

Нокдаунот на ПЕИ беше таков што партијата не можеше да одржи ни еден состанок се до неизбежните припреми за конгресот кој, после неколку одлагња, конечно се одржа во декември минатата година во хотел Дрим во Струга. Но, иако конкресот мина во релативно мирна, конструктивна и атмосвера која дава надеж дека партијата ќе застане на нозе и ќе ја продолжи борбата, постконгресните случувања, личните нетрпеливости и борбата за партиски позиции не ветуваат многу. Тешко дека ПЕИ ќе успее на евентуално самостоен настап, уште потешко ќе извојува добитна камбинација во евентуална коалиција со некоја партија од “големата четворка“, а најтешко ќе биде да  го повтори успехот од изборите во 2011 г. Дај Боже овој мој умерен песимизам да се покаже како грешка, но “аламета за  то нема “!                                   

А стратезите од владеачката ВМРО-ДПМНЕ, консензуално и предвремено работат на тоа опозицијата, и онака слаба и неспособна, да ја дотолчат, албанските лидери да ги понижат до земја, да ги натераат да се утепаат меѓу себе, за кој да му бакне рака на Груевски и да биде земен во власта, а единствената партија од помалите заедници која беше во Собранието како легитимен претставник на Торбешите да ја снема. Тие, од август навака перманентно и континуирано работат на теренот во Река и Дримкол како бастиони на ПЕИ во правец на ВМРО-визација.  Особено во Дримколските, Торбешки села Октиси, Подгорци, Лабуништа и Боровец, фрлајќи разни камен-темелници, ветувајќи концесии и нудејќи “рамковни работни места“-клати врата земај плата- и други бенефиции кои може да си ги приушти една партија на власт која во раце го држи и чеканот и наковалното, и каменот и оревот. Веќе се отворени и ограноци и штабови. Во Октиси, каде лани сите жители беа прогласени за исламски радикали и фундаменталисти, велат малку на шега, дека отворањето било проследено со убав “хриситјански адет“-послужување со татлија-турска баклава, затоа што тие од ВМРО биле алергични на грчката. Но лабунишката шега која ми ја кажа мојот пријател Авмет до солзи ме насмеа. Имено во Лабуништа како “бастион на албанството“ и особено на исламот, “исламскиот фундаментализам“, “радикализам“ и не знам уште какви не “исламски ’изми’„ се развила силна полемика околу тоа како да се вклопи во сето тоа во демохристијанскиот карактер на ВМРО. Итрите и досетливи лабуништани го понудиле компромисното решение. Во Лабуништа ВМРО ќе се викала ВМРО- Исламска!