Вистински Торбеши – Дек(A)шер колумна за в торба

0
235

                        Дек(A)шер колумна за в торба

                   Јас (не)мислам така јас имам ст(р)ав

                   Вистински  Торбеши

“…  И што е најважно во Лабуништа има се, и Македонци (вистински и инакви) и Албанци (вистински и инакви) и Срби и Турци и Власи и Еџупци и се друго. Лабуништа ти е, не Македонија, не Југославија, Европа, Свет во мало. Има и Муслимани-Торбеши, ама сметајте како нив воопшто да ги нема. И онака не се ниту уставни ниту рамковни,ни бистрат ни матнат, ни ведрат ни облачат .“

Ова е извадок од една моја колумна од 2003г. кога се прекројуваа општинските граници во Македонија а тогашните лидери на двете владеачки партии Црвенковски и Ахмети го лажеа народот дека покрај другите услови како најзначаен го потенцираа мултиетничкиот карактер на општините. Бидејќи нивните лаги беа видливи дури и од месечината со мала доза на иронија ја напишав колумната со наслов “(Не)пристоен предлог“ објавена во Весникот “Заман Македонија“ предлагајќи им Лабуништа да си остане бидејќи ги исполнува сите услови. Епилогот е познат. Од сите рурални општини само Вевчани успеа да го задржи статусот на општина.  А токму Вевчани не исполнуваше ниту еден услов од законот. Ама Вевчани има еден друг “услов“ кој Лабуништа и многу други го немаа(т). Тие се свесни, опулени, будни и секогаш бунтовни кога се во прашање суштинските интереси. За разлика од лабуништани кои беа “загрижени“ дали Албанците ќе бидат мнозинсво во Општина Струга, а тоа и така беше извесно без лабуништани, подгорчани и боровчани, вевчанците “мува не ги лазеше“ ама ич не им беше гајле тоа што Македонците ќе бидат малцинство. Сторија се за тие да си останат свои на своето. Десет години потоа епилогот .. Да е Лабуништа десет пати подобро отколку што е, а Вевчани десет пати полошо отколку што е, пак ќе биде десет пати подобро од Лабуништа. Кој не верува во оваа моја констатација го канам на едно кафе-муабет и на една мала компаративна прошетка по овие две села познати не само во Струшко туку  и пошироко во Македонја и Балканот.

Во тоа време имав многу забелешки и негодувања од пријатели. Не за суштината на колумната туку за формата. Ми забележуваа моите Торбеши кои се препознаа во она “вистински и инакви“ Македонци, Албанци и во помала мера Турци. За разлика од нив кои можеби и не ме разбираа или не сакаа(т) да ме разберат, јас ги разбирам. Никој не сака да биде инаков, невистински, плагијат, лажен. Особено не кога е идентитетот во прашање. Но од друга страна пак секој е она што Аллах џ.ш. му одредил да биде. Ама општествените околности, предрасудите, фрустрациите, комплексите, стравот, интересот  и други фактори го тераат човека да не сека да биде тоа што е и да сака да постане нешто што не е. Тоа се вика криза на идентитетот.         На Балканот тоа било отсекогаш присутно. Во колкава таква криза биле Бугарите, нација со “најголема историја и географија“ на Балканот говорат зборовите на Пасиј Хилендарски во 1762 г. упатени кон Бугарите. “О неразумен народе! Зошто се страмиш да се наречеш Бугарин…“ Кога станува збор кризата на идентитетот кај нашите други комшии Албанците кој важат за народ со најслилна национална свест, тоа најдобро го има опишано писателот Исмаил Кадаре во својот роман “Камена хроника“ преку ликот на Ѓорѓ Пуља кој сакал да биде и Грк и Италијанец и Германец, дури Јапонец. Само не Албанец! Такви биле времињата!

За муслиманските милети на Балакнов, со исклучок на Албанците, времињата се сеуште такви. Сведоци сме какви манипулации се прават со Бошњаците, Торбешите и Помаците. Но рака на срце и самите тие себеси се манипулитаат со тоа идентитетско прашање. Некоја чудна “самоасимилација“, самозамајување, самообмана и да не речам самоуништување! Дури и кај Бошњаците кои, ем имаат своја држава, научни иституции, две Академии на науки и еден мал милион организации кои се занимаваат со тоа прашање, ем еден куп врвни интелектуалци и научници од светски ранг, но и покрај тоа минатата година пред пописот се водеа жестоки полемики дали да бидат Бошњаци, Босанци, Муслимани, Босанци-Херцеговци и тн.

Во Бугарија “хереза“ е да се спомне поимот Помак. Тоа се смета за голем грев и престап. Оној мал број на свесни Помаци кои се обидуваат да го афирмираат и да го интегрираат напатениот помашки народ во Бугарското општество како рамноправен субјект, буквално се анатемисани стигматизирани од сите страни, дури и од голем број Помаци. Неодамна, како последица на тоа во Пловдив дури и физички беше нападнат претседателот на “Европскиот Институт Помак“, г-динот Ефрем Молов. Голем е бројот на Помаци кои се декларираат како Турци, но веројатно уште поголем е бројот на тие кои не само што се декларираат како Б“лгаро мухамедани или Бугари ами многу од ниви си ги сменуваат имињата заменувајќи ги со христијански.

Кога станува збор за нас Торбешите во Македонија состојбите не само што не се поинакви, тие се многу подрастични. Во Македонија Торбешите сакаат да бидат буквално се и сешто. И Македонци и Албанци и Турци и Бошњаци(не сметајќи ги оние “автентични“, одамна  доселени од БиХ и Санџак) и не знам какви уште не. Само не Торбеши. Така во Кичевско-прилепскиот регион Пласница, Дебреште на пример, доминира про-Турската опција исто како и во Дебарска жупа, во Река доминира про-Македонската а во Струга, Дримкол на чело со Лабуништа про-Албанската. Не верувам дека сите тие се убедени дека се тоа што не се. Има многу случаеви кои го потврдуваат тоа. Многу такви верувам дека секој Торбеш има слушнато но не се за јавност. Јас ќе напоменам неколку кои се поведри, малку чудни и малку смешни.

На пример кога новиот турски амбасадор требало да патува за Пласница и кога требало да се чека преведувач заради што доцнел протоколот. Кога збунетиот дипломат прашал за каков преведувач станува збор кога одиме кај Турци, некој му дошепнал дека тоа се Турци ама “Башка Турци“. Наспроти оваа смешна, има една анегдота које и не е баш за смеење. Имено на еден митинг на Партијата за европска иднина(ПЕИ), во Кичево ми се чини, во културно-уметничкиот дел се пеела една од битовите Торбешки песни, Махмуд се спрема за Турско. Таа песна го опејува страдањето на Торбешите кои ја напуштија родната грутка и “главом без обзира“ бегаа во Турција. Но ете накои навредливо го разбрале стихот во кој Фетија му вели на терзијата Махмуд дека “не му оди во Турско оти Турски не знае“. Се страмеле господата од тој факт. Е тоа е страм од кои навистина треба да се страми човек.

Лабуништа е најдобар и најилустративен пример за ваквите контрадикции и небулози, та затоа како што започнав сакам и да завршам со Лабуништа. Згора на тоа Лабуништа е мојот двор иако ја сум подгорчанец. А Лабуништа (со него и Подгорци и Боровец) па дури и Октиси, според многумина го плаќа најскапо цехот на тие свои заблуди. Единствено некои ѓилкоши, џамбази и ловци во матно го виделе ќарот од тоа а на општа штета на целото население. Така денес Лабуништа е “крава молзница“за сите само не за своите што ги има “родено“! Не само од изборна гледна точка и бројот на гласови.  Од економски аспект Лабуништа е џин кој го полни буџетот и на Општина Струга и на Р. Македонија. А за возврат не само што не добива ништо ами други диктираат услови од најелементарна природа. Замислете еден таков економски џин наместо да биде мал Истамбул како што му доликува според многу параметри и според она што Господ-Аллах џ.ш го дал како кисмет, Лабуништа страда дури за вода за пиење! Да не говориме за други нешта кои ги нема во една таква економски јака населба а треба и мора да ги има. Да не ги набројувам кои се тие. Наместо тоа ве упатувам на една компарација помеѓу Лабуништа и Вевчани за тие кои ги знаат состојбите или ве канам вас другите на прошетка низ двете села. За да се променат состојбите, главен предуслов е прстот на чело и умот во глава.

Едно време, уште во комунизмот, во Струга се бирало некакво тело во кое требало да влезат по еден Влав и Турчин и по двајца Албанци и Македонци. Тоа беше времето кога беше активна и популарна Манифестацијата на Македонците муслимани. Гога се гласало за еден еден таков “Мекедонец“ од Лабуништа многумина Вистински Македонци реагирале и не го прифаќале него како вистински Македонец. Во право биле луѓето. Сега историјата се повторува само улогите се променети. Пред неколку години ДПА не го прифати еден лабуништанец со високо образование за командир на Полициската станица бидејќи не бил вистински Албанец. Еден директор на училиштето беше сменет од ДУИ заради тоа што не сакал да прифати заменик кој не е од Лабуништа, кој бил наметнуван како вистински Албанец за разлика од лабунишкиот Невистински. Деновиве пак се повторуваат истите приказни. Не можат да работат лабунишки наставници бидејќи не биле вистински Албанци. Џаба интензивни курсеви по Албански јазик, џаба слепа лојалност, џаба се. Доволно е да не сме му по мерка на локалниот моќник кого, на крајот на краиштата, ние со нашите гласови сме го направиле моќен. Не фрлаат како пачаври. Не менуваат како валкани чорапи. Не јадат. Како приказната за јагнето што му ја матнело водата на волкот па треба да биде изедено.

Но немојте по волкот. На волкот му е во природа да го јаде јагнето.  Да внимаваме на “овчарот“, кому ќе му го дадеме к’рлуќот! Во право се тие што викаат “не сте вистински“, “башка меселе сте“ или “инакви сте“. Да ги послушаме, и еднаш за секогаш да бидеме лабуништани, подгорчани, боровчани, октишани, свои на своето. Да бидеме вистински мулимани, Торбеши, а после тоа и уставни и рамковни. Да бидеме фактор кој не може да биде игнориран, фактор на на кого секој ќе мора да смета ако сака да му се изведри небото. Ова не важи за тие кои си се вистински Македонци, Албанци или кои било други. Ова важи само за тие инаквите, башката.. Само за Торбешите. Да бидеме вистински Торбеши !

                             

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here