Американското списание „The American Conservative“ објави анализа во која предупредува дека военото слабеење на Иран може да има неочекувани последици.
Наместо стабилизирање на Блискиот Исток, може да се случи нова фаза на натпревар меѓу Израел и Турција.
Авторот прави паралела со влегувањето на Велика Британија во Втората светска војна, нагласувајќи дека Лондон не реагирал во 1939 година од морални причини, туку затоа што го нарушил балансот на моќта во Европа.
Само нападот врз Полска ја променил стратешката пресметка, бидејќи Франција останала последната голема сила способна да ја балансира Германија.
Според оваа логика, денешните настани на Блискиот Исток треба да се гледаат и низ призмата на балансот на моќта. Иран претставува еден од клучните центри на моќ во регионот.
Неговото сериозно слабеење или евентуално фрагментирање не би донело автоматски мир, туку би отворило пат за нова борба за превласт.
Во овој контекст, Турција се повеќе се споменува како растечки фактор. Поранешниот израелски премиер Нафтали Бенет предупреди дека Израел не треба да затвора очи пред Анкара, додека поранешниот министер за одбрана Јоав Галант рече дека Турција повеќе не може да се гледа како периферен актер, туку како централна сила.
Анкара веќе има воено присуство во северна Сирија и значајна улога во регионалните безбедносни процеси. Во исто време, зајакнувањето на соработката меѓу Израел, Грција и Кипар во Источниот Медитеран дополнително ги комплицира односите во тој дел од светот.
Анализата, исто така, ги доведува во прашање мотивите на американската интервенција против Иран, нарекувајќи ја војна по избор. Повикувајќи се на извештај на „Вашингтон пост“, се наведува дека американската администрација му предложила на Конгресот Израел да дејствува против Иран дури и без поддршка од САД, што влијаело врз одлуката на Вашингтон да се вклучи.
Авторот предупредува дека долгорочна воздушна кампања без јасно дефинирани политички цели би можела да предизвика дестабилизација слична на онаа што следеше во Либија по 2011 година. Таквото сценарио би можело да отвори пат за нови регионални конфликти и дополнително да ја наруши безбедносната рамнотежа.
Анализата сугерира дека слабеењето на Иран би можело да означи крај на една фаза од регионалниот поредок, но и почеток на нова во која Израел и Турција би станале главни конкуренти за влијание на Блискиот Исток.








