Италијанскaта премиерка Џорџија Мелони денес ја повика Глобалната флотила „Сумуд“, која се обидува да достави хуманитарна помош во Газа, веднаш да ја заврши својата мисија.

Продолжувањето на конфронтацијата со Израел би можело да ја наруши сегашната „кревка рамнотежа“ што би можела да доведе до мир врз основа на планот на американскиот претседател Доналд Трамп, предупреди Мелони, според израелските медиуми.

Многумина би биле среќни да го нарушат тој план. Се плашам дека обидот на флотилата да ја пробие израелската поморска блокада би можел да послужи како изговор за тоа. И затоа верувам дека флотилата треба да престане сега, додаде Мелони, според „Тајмс оф Израел“.

Глобалната флотила „Сумуд“ објави дека Италија денес ја информирала дека фрегатата што ја придружува наскоро ќе ја контактира преку радио и ќе им понуди на своите членови да го напуштат бродот и да се вратат на брегот пред да стигнат до „критичната зона“.

Тие додадоа дека повеќе од 40 цивилни бродови што превезуваат пратеници, адвокати и активисти, вклучувајќи ја и шведската климатска активистка Грета Тунберг, ќе продолжат да пловат во обид да ја пробијат израелската блокада на палестинската енклава. Италијанското Министерство за одбрана претходно денес објави дека морнарицата на земјата ќе престане да ја придружува меѓународната флотила кога ќе се најде на 278 километри од брегот на Газа.