Градот на надежта, изграден и отворен оваа недела во северниот сириски регион Азаз, е подготвен да прими 10.000 луѓе.
Хуманитарниот проект кој ќе обезбеди нов дом за раселените Сиријци го започнаа Турската фондација за хуманитарна помош (ИХХ) и добротворната организација Катар. Во провинцијата Азаз е изградена населба со сите капацитети потребни за живот на семејствата раселени за време на граѓанската војна.
Градот на надежта се наоѓа во селото Тукли, во близина на Азаз, а неговата изградба ќе обезбеди грижа за семејствата кои моментално живеат во многу тешки услови во бегалскиот камп Баб ал-Салам.

Од избувнувањето на сириската граѓанска војна во 2011 година, милиони Сиријци се раселени во земјата, додека многумина избегаа во странство. Раселените во Сирија претежно живеат во преполни бегалски кампови на северот од земјата.
Градот на надежта зафаќа 280 хектари и опфаќа 1.400 станбени единици. Од нив, 1.200 единици се по 50 квадратни метри и 200 единици се 100 квадратни метри.

Населбата ќе вклучува џамија, училишта, градинка, социјален и спортски центар, амбуланта, пазар… Семејствата кои со години живеат во импровизирани шатори се вселуваат во комплетно опремени домови во градот на надежта.

На отворањето на комплексот присуствуваа делегации од Турција и Катар предводени од турскиот заменик министер за внатрешни работи Мунир Караоглу, катарската министерка за соработка Мерием ел-Миснед и генералниот директор за глобални и хуманитарни прашања на турското Министерство за надворешни работи Корхан Каракоч.
Караоглу потсети на помошта што ја дава Турција во многу области, „од засолниште до хуманитарна помош, од образование до здравство низ цела Сирија“ и додаде дека Градот на надежта, кој денеска го отвораме, е најконкретен пример за нашите активности.
Генералниот секретар на ИХХ Дурмус Ајдин рече дека оваа хуманитарна организација е со сирискиот народ од почетокот на граѓанската војна.

– Денеска сме тука да го отвориме нашиот Град на надежта, кој е симбол на надежта и солидарноста. Кризата што започна во Сирија во 2011 година, оттогаш длабоко влијаеше на животите на милиони луѓе. Сепак, ние никогаш не го напуштивме сирискиот народ. Овде сме денес со Катарската добротворна организација. Среќни сме што можеме да го оживееме новиот и најобемниот проект – Ајдин.








