Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека сите фази од договорот за прекин на огнот во Газа меѓу Израел и палестинската група Хамас треба целосно да се применат и дека хуманитарната помош мора непречено да се достави до енклавата, јавува Anadolu Agency.
Ердоган денеска во Претседателската палата во Анкара се сретна со словачкиот премиер Роберт Фицо.
Турскиот претседател на прес-конференција рече дека меѓународната заедница мора да се погрижи Израел да ги исполни своите одговорности во врска со трифазниот договор за прекин на огнот што стапи на сила во Газа во неделата.
Хамас ослободи тројца израелски заложници како дел од првата фаза, додека Израел во неделата ослободи 90 палестински затвореници.
„Турција е посветена на формирање независна, суверена палестинска држава, заснована на границите од 1967 година, со источен Ерусалим како главен град“, изјави Ердоган.
Ердоган укажа и на ситуацијата во Сирија по соборувањето на режимот на Башар ал Асад и ја истакна важноста од укинување на меѓународните санкции за да се започне со работа за обнова на земјата.
Зборувајќи за новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, Ердоган рече дека „за Турција е многу важно да го задржи истото пријателство што го имавме во првиот мандат“.
Словачкиот премиер Роберт Фицо изјави дека по десет години пристигнал во Турција и оти земјата во изминатиот период постигнала голем напредок.
„Турција е многу голем политички и економски актер и меѓународен политички актер“, рече словачкиот премиер Роберт Фицо по состанокот со турскиот претседател Ердоган во Анкара, изјави Фицо.
Изразувајќи надеж дека желбата на Турција за полноправно членство во Европската унија ќе се реализира што е можно поскоро, Фицо рече дека Словачка целосно го поддржува тој процес.