За време на брифингот со новинарите по враќањето од разговорите со рускиот претседател Владимир Путин во Сочи, Ердоган рече дека двете земји развиваат проекти насочени кон снабдување со руска енергија на глобалните пазари преку Турција.

„Во нашите разговори со Путин, разговаравме за енергетскиот сектор од различни перспективи. Ќе реализираме низа проекти за снабдување со енергија на Европа и светските пазари преку наша територија“, најави турскиот претседател.

Главниот столб се заснова на предлогот на Москва да се создаде гасен центар во Турција, што ќе помогне да се пренасочи транзитот на гас од двата руски гасоводи Северен тек, кои беа тешко оштетени во експлозиите минатата година, кон гасоводот Турски тек. Ова директно ќе ги поврзе руските испораки на природен гас со турската транспортна мрежа за гас, а потоа и со јужна Европа.

Ердоган истакна дека гасниот центар ќе обезбеди снабдување со руска енергија на глобалниот пазар и ќе помогне во контролата на цените на гасот. За таа цел, Анкара веќе ја воспоставува потребната инфраструктура и капацитети, а сега планира да создаде финансиски центар посветен на извозот на природен гас.

„Имаме планови да создадеме центар за финансирање на проекти поврзани со снабдувањето со природен гас, по моделот на слични центри што постојат во Лондон и Хамбург… Планираме да создадеме таков центар не само за природен гас, туку и за [ други видови] енергетски и рударски сектори“, рече Ердоган, истакнувајќи дека планира дополнително да разговара за оваа иницијатива со Русија.

Путин претходно прецизираше дека формирањето на гасен центар со седиште во Турција ќе значи создавање на платформа за електронско тргување. Рускиот претседател посочи дека овој центар може да стане место за одредување на крајната цена на гасот за европските потрошувачи, со што би се избегнало непотребното „политизирање“ на снабдувањето со енергија.

Според планираниот гасен центар, Турција ќе може да извезува околу 40 милијарди кубни метри природен гас годишно, рече Ердоган. Анкара планира да започне со испорака на гас преку центарот во 2024 година.

Турскиот лидер верува дека центарот ќе има позитивно влијание врз глобалните енергетски трошоци, ќе помогне да се обезбеди домашното снабдување со гас на Турција и на крајот да ја претвори земјата во нов „глобален енергетски центар“.