Лидерот на опозицијата во Израел Бенјамин Нетанјаху денеска и официјално го доби мандатот за формирање на новата влада на таа земја. Нетанјаху го доби мандатот за формирање влада по средбата со израелскиот претседател Исак Херцог, кој штотуку заврши тридневни консултации со лидерите на политичките партии кои учествуваат на парламентарните избори.

Парламентарните избори во Израел се одржаа на 1 ноември и беа петти избори за помалку од четири години, а излезноста беше 71,3 отсто, што е најголема излезност во последните 20 години. Лидерот на партијата Ликуд и поранешен премиер Нетанјаху и неговиот десничарски блок освоија 64 од 120 места во Кнесетот (Израелскиот парламент), што му го дава потребното мнозинство за формирање влада. Блокот предводен од актуелниот премиер Јаир Липид освои 51 место.