АДЕН (АА) – Јеменската Војска ги обвини Хусите, поддржани од Иран, за кршење на двомесечниот хуманитарен прекин на огнот што го прогласија Обединетите нации (ОН), јавува Агенција Анадолија (АА).
Јеменската Војска соопшти дека „воените сили го одбиле нападот на терористичките единици на Хусите врз воените подрачја во градот Таиз“.
Во соопштението се наведува дека Хусите го прекршиле примирјето повеќе од 40 пати во регионот Ал Барах западно од Таиз и округот Хајс во провинцијата Худејдa.
Хусите сè уште не се огласија по повод наводите на јеменската Војска за прекршување на примирјето.
Обединетите нации (ОН) во петокот објавија дека страните во Јемен се договориле за двомесечен прекин на огнот и дека примирјето стапува на сила на 2 април во 19 часот по локално време.
Ханс Грундберг, специјалниот пратеник на ОН за Јемен, објави дека јеменската Влада и Хусите се договориле да ги прекинат воздушните, копнените и поморските операции.
Грундберг истакна и дека страните се договориле за влез на бродови со гориво во пристаништата во Худејда и за комерцијални летови од аеродромот во Сана до претходно утврдените локации во регионот. Грундберг истакна дека прекинот на огнот може да биде обновен по два месеца по согласност на страните.
Јемен е средиште на судири и насилство од 2014 година, кога бунтовничкото движење на Хусите ја презеде контролата врз голем дел од земјата, вклучувајќи го и главниот град Сана.
Конфликтот ескалираше една година подоцна кога Саудиска Арабија и нејзините арапски сојузници застанаа на страната на Владата на Јемен и започнаа воздушни напади врз позициите на побунениците.
Според податоците на Обединетите нации (ОН), во Јемен, каде што владее една од најтешките хуманитарни кризи во светот, на меѓу 22 и 30 милиони луѓе им е потребна помош и заштита. Над 233.000 луѓе загинаа во судирите што траат седум години.
Anadolu Agency









