Педесет и шест сириски семејства раселени поради нападите на силите лојални на режимот на Башар ал Асад и неговите сојузници се обидуваат да преживеат во училиштата уништени во нападите на режимските сили, пишува Агенција Анадолија (АА).
Цивилите од населените места што потпаднаа под контрола на режимските сили побегнаа во камповите во близина на сириско-турската граница, кои ги сметаа за побезбедни подрачја. Дел од раселените семејства најдоа места во шаторските населби на границата, а дел побараа засолниште во уништените училишта.
Во споменатите училишта, кои се без услови за живот, сместени се 56 семејства. Меѓу бегалците е и Мухане Абдула, која беше принудена да го напушти Маратунуман и да се смести во разрушеното училиште.

Таа рече дека поради немањето никакви услови децата постојано се болни.
„Во лето е топло, а во зима ладно. Се надеваме на божјата помош“, нагласи Абдула.
Таа рече дека условите се лоши, но дека немаат каде да одат. Семејството зависи од помошта на луѓето со добро срце.
Абдула е ранета во напад на режимските сили и многу тешко се движи, а во интервју за Агенција Анадолија (AA) вели дека училиштето само што не се урнало. Кога врне, тие се засолнуваат под балконот, бидејќи се плашат да не се урнат ѕидовите.
Слична судбина дели и Нур Хамам, која рече дека зимските месеци се тука, а тие немаат пари да купат огревно дрво. Таа додаде дека кога руските авиони летаат над подрачјето, тие се кријат под крошните на дрвјата.

„Тешко е да се живее во полусрушено училиште. Нема услови за живот. Лоши се и хигиенските услови. Тешко ни е, ладно е. Се трудиме да се стоплиме со ќебиња“, вели Хамам.
Не можеле да имаат никакви подготовки за зимскиот период.
„Моја единствена желба ми е да имам печка со која децата ќе се стоплат, и да им купам овошје и зеленчук“, вели Хамам.
Наведува дека училиштето само што не се урнало и дека често се во многу близок контакт со смртта.
„Додека одиме низ дворот, понекогаш паѓаат камења. Не можам да ги пратам децата на училиште“, се пожали Хамам.

Идлиб е најголемата енклава под контрола на сириската опозиција, што е под опсада на силите лојални на режимот на Башар ал Асад и неговите сојузници.
Со посредство на Турција, Русија и Иран, за време на преговорите во мај 2017 година во Астана, Идлиб беше прогласен за една од четирите зони на деескалација. Силите лојални на режимот на Асад го прекршија договорот и зазедоа три зони, а во Сочи на 17 септември 2018 година е постигнат дополнителен договор за примирје во Идлиб и формирање зона на деескалација.
Во рамките на договорот, опозициските сили го повлекоа тешкото вооружување од регионот, а силите лојални на режимот на Асад не ги запреа артилериските и воздушните напади во регионот.
Турција и Русија во март 2020 година договорија протокол со кој се повикуваат сите страни во Идлиб да го прекинат огнот, а турските и руските сили, во својство на гаранти на примирјето, заеднички спроведуваат контролни патроли по должината на линиите на раздвојување.
Од 2017 до 2020 година кон турската граница избегаа околу два милиони цивили.
Anadolu Agency










