Заштедите на граѓаните во банките во изминатата година пораснале за над 200 милиони евра. Од друга страна, кредитите за домаќинствата се зголемиле за над 220 милиони евра. Експертите велат дека граѓаните што имаат пари поради кризата ги чуваат во банките.
Тој што има, во кризата има уште повеќе, тој што нема уште повеќе нема. Податоците на Народната банка покажуваат дека во изминатата година, во ек на ковид-кризата, штедните влогови на граѓаните се зголемени за над 200 милиони евра. Депозитите на фирмите, пак, во изминатата година се зголемени за над 180 милиони евра.
Во исто време, пак, расте и задолженоста. Кредитите на граѓаните само изминатата година се зголемиле за над 220 милиони евра, а на фирмите за 30 милиони евра.
Штедните влогови на граѓаните и на фирмите на крајот на минатата година надминале 7 милијарди евра. Од тоа 4,6 милијарди евра се штедни влогови на граѓаните, 2 милијарди евра штедни влогови на фирмите и 460 милиони евра останато.
Кредитите на граѓаните и фирмите, пак, на крајот на минатата година изнесувале 5,8 милијарди евра, од кои 3 милијарди евра кредити на домаќинствата.
Поранешниот гувернер на Народна банка Љубе Трпески вели дека кризата е виновна што парите се штедат наместо да се трошат.
„Наклонетоста на населението кон потрошувачка е драстично намалена. И тоа што мислеле да го потрошат сега го чуваат како штеден влог. Тоа е една појава во цел свет, не е само кај нас, и затоа и покрај печатењето на тие енормни количини на пари што го направија централните банки во цел свет нема инфлација, затоа што населението не троши“, вели Трпески.
Тој додава дека работите ќе се вратат во нормала кога пандемијата ќе заврши.
Штедењето пораснало и покрај тоа што каматите за штедење се доста ниски и дополнително паднале.
„Тоа се должи и на навиките на населението и на тоа што сè уште нема развиени други атрактивни финансиски инструменти. Вака се само акциите на неколку банки и атрактивни компании, тоа е што му се нуди како можност на населението, а и голем број е на ситни штедни влогови и нема ни доволно знаење и можности за поголеми и поразновидни финансиски пласмани“, вели тој.
Граѓаните штедат и во денари и во странски валути. Шеесет отсто од штедните влогови се во денари.
Претседателката на Македонската банкарска асоцијација, Маја Стевкова – Штеирева во интервју за МИА пред еден месец посочи дека во анализи на бројни меѓународни аналитичари се истакнува дека намалувањето на патувањата, што се должи на затворањето на границите, ограничувањето на движењето на населението, како и на можностите за трошење на слободните финансиски средства имаат влијание врз зголемувањето на заштедите кај дел од населението.
Повеќе на РСЕ










