Како кандидат за членство во Европската Унија (ЕУ), Турција дели многу стратешки интереси и цели на Блокот. Нашите граници се надворешни граници на Европа и НАТО, и ние исто така сакаме да изградиме државна и општествена отпорност. Турција носи голем дел од товарот во раздвојувањето на западните подрачја на евроазиското копно од нестабилниот екосистем кој ја опкружува Европа. Нашето дипломатско и безбедносно присуство ја бранеше Европа со генерации. И иднината на Европа ќе биде сигурна и просперитетна, благодарејќи на придонесот на Турција, напиша министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, во статијата објавена во ПОЛИТИКО со седиште во Соединетите Американски Држави (САД), пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Но, тоа не е само наша задача. Сите ние имаме историска и морална одговорност да помогнеме за стабилизација на нашето заедничко соседство и неговото напредување на патот кон одржлив мир, стабилност и развој. Сепак, силната реторика и максималистичките ставови на одредени земји членки на ЕУ за прашањата од високо стратешко значење го стеснуваат просторот за планирана соработка“, истакна Чавушоглу, кој во оваа пригода наведе и три конкретни случаи:
„Прво, ситуацијата во Либија. Помина повеќе од една година откако Калифа хафтар и неговите сили започнаа офанзива против легитимната Влада во Триполи која ја признаа Обединетите нации. Поделена однатре, со различни земји кои ги поддржуваат различните страни во судирот, ЕУ не успеа да воспостави усогласено дејствување врз основа на своите темелни вредности. Овој господар на војната, кој го финансираат Обединетите Арапски Емирати, а го поддржуваат Египет и Русија, ги поткопува шансите за траен мир и стабилност. Иако пучистичките милиции и платеници и понатаму имаат силни засилувања, операцијата на ЕУ на Средоземјето „Ирини“ (чија прокламирана цел е спроведување на ембарго на оружјето за Либија) практично ја санкционира легитимната Влада“, истакна Чавушоглу, и продолжи:
„Во јануари, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во статијата објавена во ПОЛИТИКО напиша дека ситуацијата во Либија ќе послужи како тест за ЕУ. Можеме да кажеме дека падна на овој испит. Европа, соочена со шокантното откритие за масовните гробници во Тархуна со телата на жртвите кои ги убиле Хафтаровите сили, мора остро да реагира. Во меѓувреме, блокадата на либиските нафтени ресурси го остава либискиот народ без клучниот ресурс. Оставањето на Либија на милост и немилост на господарот на војната, беше и сѐ уште е голема грешка. Турската техничка и едукативна помош на легитимната Влада во Либија, пружена на нејзино барање, ја смени рамнотежата на теренот и ја зголеми одржливоста на дипломатските напори како што е Берлинската конференција. Без нашата помош, Триполи би паднал во рацете на пучистичката коалиција и би се случила голема хуманитарна катастрофа – со ефекти на прелевање кои би се почувствувале низ Европа.“
Во текстот, турскиот министер за надворешни работи потсетува дека Франција го поддржува Хафтар.
„Наместо да застане на страната на Турција, видовме дека нашиот традиционален сојузник и европски партнер Франција – која го поддржува Хафтар – изнесува неточни тврдења за инцидентот во кој учествуваа нејзиниот воен брод и турски пловила во Источното Средоземје. Кога НАТО не ги потврди тие тврдења, Париз се повлече од една важна операција на Сојузот. На другите е да пресудат дали тоа беше добра стратешка одлука.“
Второ, што се однесува до Сирија, како што истакна Чавушоглу, „нашето присуство во северозападниот град Идлиб спречи хуманитарна катастрофа за околу 3,5 милиони луѓе изолирани на мала територија и изложени на насилство од страна на сирискиот режим и неговите приврзаници. Нашата интервенција спречи масакр и марш на милиони луѓе на најјужната европска граница.“
„Паралелно со нашите напори за заживување на политичкиот процес, кој останува единствен одржлив излез од оваа десетгодишна криза, се фокусираме на подготовка на услови за олеснување на враќање на сириските бегалци на доброволна основа и на безбеден начин. Како земја која угостува најголем број бегалци на светот, потрошивме повеќе од 40 милијарди долари за потребите на 3,6 милиони сириски бегалци во Турција. Од нас не може да се очекува повеќе да ги примаме. Покрај тоа, за 402.000 сириски бегалци пруживме можност да се вратат во својата татковина на подрачјата кои турските трупи ги презедоа од терористичките сили на ДЕАШ и ПКК/ЈПГ“, порача шефот на турската дипломатија, и додаде:
„Трето, Кипар и Источното Средоземје. На нашата заедничка конференција за новинари на 6 јули во Анкара, Џозеф Борел, шефот на надворешната политика на ЕУ, напомена дека ’Источно Средоземје е клучниот регион за Европа.‘ Па и за нас е. Имаме најдолг брег на Источното Средоземје.“
„Максималистичките и едностраните тврдења на Грција и кипарските Грци ги кршат суверените права и на Турција и на кипарските Турци. Тоа е неприфатливо“, пишува Чавушоглу во текстот.
„Секогаш одново изразуваме спремност за дијалог за да изнајдеме праведно, правично и мирно решение. Истото тоа го прават кипарските Турци. За жал, одговорот е непријателство кон Турција и Турската Република Северен Кипар. Тоа не ни остава друг избор освен да ги продолжиме нашите активности на дупчење и истражување на Источното Средоземје за да ги заштитиме нашите национални интереси и еднаквите права на кипарските Турци“, порача Чавушоглу.
Овие три случаи, потсети тој, се само најновите примери во низата злоупотреби и оттуѓување на Турција по пат на политики кои на ниту еден начин не можат да бидат одржливи
„Исто така, изневерени сме во процесот на приклучување во ЕУ и во периодот по неуспешниот обид за пуч во 2016 година. Сега е тука потенцијалниот негативен мултипликатор на пандемијата на коронавирусот, кој може да создаде нови нестабилности или да ги влоши постоечките. Не смееме да бидеме вовлечени во вителот кој нѐ врти едни против други. На Европа ѝ се потребни конструктивни стратегии кои во прв ред ги ставаат вин-вин формулите за Турција, а не реактивни чекори заради солидарност со ЕУ и тесногради очекувања на неколку земји“, нагласи Чавушоглу, и заклучи:
„Постои неспорна заедничка основа за надградба. На едно ниво, иницијативи како Конференција за иднината на Европа и процесот на промислување во НАТО се корисни чекори напред. Нѐ водат во вистинска насока за да ни помогнат да се приспособиме на променливите геостратешки перспективи, почитувајќи се едни со други, како нужни партнери. Да погледнеме напред и да изградиме инклузивна рамка која ќе ја искористи вистинската трансформативна сила на соработката на Турција и ЕУ во нашето заедничко соседство. Тоа би бил вистинскиот начин на размислување – особено во немирните води на постпандемската ера.“
Anadolu










