Доаѓаат денови кога „државотворците“ во нашава земја не ќе можат поради нашата отфрленост да се бранат со изговори, туку ќе мораат да понесат историска одговорност за тоа што не направиле, а требало да направат за најлојалниот, но истовремено и најпонижениот дел на македонскиот народ.

Реџо МУСЛИОСКИ

Се јавувам од изморената и жилава Река, на која Радика секојдневно ѝ го плакне расплаканото лице за загубената своја младост и ѝ ја чува нејзината древност. Ги нема овде веќе луѓето со навики да градат и чесно да живеат, луѓето кои секое утро сакаат да си плукнат на рацете за да не плукаат по нив. Животот како пат до надежта никогаш не ги милувал луѓето во Река, ама овојпат и Господ не им помогна да си го сочуваат крајот.

Пишувајќи на нашава тема, ете ти причина да се испокарам со сите што не мислат како мене, ама јас веројатно не ќе можам да се заштитам и евентуално од една друга реакција од типот, што сега овој при толку секојдневни актуелни теми се расфрла со горчливи метафори на оваа „банална“ тема, а како да има намера и натаму да додева. Ама да потсетам, огромна е штетата кога се верува во слатки лаги, а се игнорираат горчливи вистини.

Денес нема поактуелна тема од корона вирусот, далеку било од нас, ама ете дојде. Знам дека ќе го надминеме, зашто нашето општество како да го надминува и еден друг вирус, смртоносен по соживотот и демократијата. Вирус, кој исклучиво се пренесува со допир во меѓуетничките тепачки. Тој вирус како да ни беше избеган од етничката лабораторија во Македонија. Благодарение на г-дин Зоран Заев, со неговата далековидност и нему својствената храброст, не избега од тешките теми што другите ги прескокнуваа, со што ја откри вакцината за релаксирање на меѓуетничките односи, заведена со генеричко име, таму каде што нема соживот се плаќа со живот. За вирусите толку, да се вратам на темава.

СУДБИНСКИ КОНСТАНТИ

Можеби војувам и со сопствените заблуди, кога сѐ почесто во последно време ги набројувам судбинските константи на моите истородници, а една од нив вели: тоа се луѓе што се бранат со црвенилото на лицето, слабогласни, најдобри се кога молчат. А, јас би додал народ што молчи, има многу што да каже. Минатото ги проколнува, сегашноста не ги повикува. Еден драг пријател ми вели: ајде, веќе еднаш разбудете се, што чекате. Му велам, за какво наше време за будење зборуваш, пријателу?! Нашето време одамна помина кога молкот како наша „мудрост“ требаше да го преточиме во наша сила, ама не ни било пишано. Времето бавно се движи за тие што се надеваат. Денес само Господ знае колку е часот за нас.

Во претходната колумна кога се обидов да кажам како ќе го пронајдеме патот до себе, останав недоречен. Проблемот како да лежи, пред сѐ, во нас, ама не и само во нас. Ред е веќе да престанеме секогаш другите да ги обвинуваме за нашите порази во животот и во политиката. Кого да обвинуваме за тоа што не успеавме да го избришеме знакот на равенство меѓу верското и националното? Трагикомично, а во суштина само трагично по нас.

Како ќе го пронајдете патот до себе, ако, таа, историјата нашата проклета „маќеа“, како за инает одвреме-навреме ни ги отвора старите проклетства, едни да ви забележуваат за јазикот, други религиозниот предзнак ви го земаат за грев. Никако да излеземе од тој наш магичен круг на нашиот етнички хаос, зачинет секогаш со старо-нова драматика, преточена во животна наша патетика. Како ќе го пронајдете својот пат до себе, ако сите други околу вас, со чесни, но ретки исклучоци, врз вас си ја тренираат својата духовна, национална и политичка супериорност. Би рекол си ја потврдуваат нивната духовна беда и политичка сиромаштија.

Овие луѓе премногу си ја сакаат својата земја, никогаш не се рамнодушни што се случува со неа и во неа. Нивната лојалност никогаш не била анестетик, туку чувство што со векови го одгледувале и го негувале, а за возврат оваа држава и политика ништо особено не поместила над нивното тегобно небо.

Боде очи повеќедецениската лошо водена економска политика во нивните животни простори. Поради тоа, пред дваесет години и јас го испратив синот и внуците, едниот незадоен, другиот незаоден во таа „проклета“ Европа. На чинот на разделбата, завиткан во чадот од цигарата што ја запалив од јад, му реков: жалам, сине. Ми возврати, немој да ме жалиш, верувај во мене, излегувам денес од дома, ама и не од вашите животи. Сопругата со насолзени очи и натажено лице дофрли, „ама, утеха сине“!

ДРЖАВАТА И НИЕ ВО НЕА

Додека се токмев да го напишам поднасловов, истиот момент ете ти го почитуваниот господин Зијадин Села, лидер на партија, на ТВ екранот, кој го најави нивното предизборно мото „држава за сите“. Толку милозвучно ми прозвучи и во себеси реков, белки овојпат и за „торбешите“.

`Моите истородници од секогаш биле свесни дека сите очекувања не треба да се лоцираат само во државата, ама таа, пак, толку да ги маргинализира како да е премногу. Уште како голобрадо момче, камче ме боцкаше во чевелот. Немав други можности каде да го испукам тој истрел, како повик за наше, во системот и во државата вградување, освен на конгрес на СДСМ.

Бев повеќепати делегат на конгресите, иако таму не одев заради сендвичот и не стасав повисоко од делегат. Се обидов да го посочам виновникот за нашата отфрленост во политиката и во државата. Едниот виновник открив дека лежи скриен во нашето ретко, тешко, историско наследство. Но, со неподнослива лична горчина и духовен немир, на говорницата се обидов да му го откријам лицето и на вториот виновник.

Тоа беа политичарите во државата, наакани со убедување дека овој народ прифаќа да биде маргинализиран. За да бидам уште појасен, ја направив следната дигресија: ги потсетив делегатите на едно време судбинско за Евреите, кога љубовта од човек кон човек, одеднаш ја снема и еврејскиот пекол стапна на европска сцена. Дел од нив успеаја да извлечат живи глави и отпловија во Америка преку океани. Војната заврши, а американските власти одлучија да ги вратат назад. Евреите тогаш го испуштија својот глас „не враќајте нѐ таму, каде што не можевме да бидеме Евреи“. Американците не останаа глуви, ги сфатија, не ги вратија и што е најважно, ги прифатија.

Погодувате што мислам. И ние како луѓе со судбина на ретка сведожба од историското патешествие на македонскиот народ, го испуштивме својот лелек, во сопствената земја како автохтон народ, но како никој да не слушна, така што чувството на инфериорност остана наша своина во националното, со што продолживме да негуваме свест, да молиме за милост и сожалување во политиката.

Бев директен кон лидерот Бранко Црвенковски и јасно му кажав, како да е време да се издигне над впечатокот што сака да го остава кон овие луѓе. Барем и да помисли, да изнедри сили, да го обезбеди брутот првенец со децении очекуван, да ја обесиме нашата тешка „торбешка“ торба, во некои од владините кабинети. Би бил неодговорно наивен, продолжив, ако спомнам министерски кабинети зашто и тогаш знаев дека тоа е не споива категорија со овие луѓе. Поради нему својствената во тоа време духовна стројост и политичка величина, нему и му прилегаше да си обезбеди свое место за стореното кон „торбешите“ во поновата македонска историја. Зошто ја прокоцка таа шанса, е прашање за него.

СТРАТЕГИЈА НА ОТФРЛЕНОСТ

Таа стратегија за наша отфрленост, како по правило, без исклучок продолжува сѐ до денес. Без разлика кој доаѓа на власт, ништо особено не се менува во односот кон нас, освен адреналинот во нас, се разбира од љубов кон „торбешите“.

Оскуден резон треба да имате ако не знаете дека власта се освојува, а демократијата се учи. Демократија учевме, ама до власта и до владеењето не се добравме. Партиите што доаѓале на власт, а ние во нив сме членувале и многу сме им верувале, редовно постизборно нѐ разочарувале. Откако ќе се сместеле во топлите скутови на власта, првиот ден од нивното владеење бил последен на сеќавањата кон нас.

Години со ред сум во потрага по одговорот каква е таа опсесија на нашите политичари, за Јудините бакнежи кон „торбешите“. Јас не го најдов одговорот, но доаѓаат денови кога „државотворците“ во нашава земја не ќе можат да се бранат со изговори поради нашата отфрленост, туку ќе мораат да понесат историска одговорност за тоа што не направиле, а требало да направат за најлојалниот, но истовремено и најпонижениот дел на македонскиот народ.

Големиот Винстон Черчил вели: „Одговорноста е цената на нашата големина, таа гравитира кон тие што се подготвени да ја понесат“. Мислев дека таквата одговорност пред својот народ што ПЕИ ја презема, делотворно ќе ја понесе, ама од судбината не се бега, нели реков ете и ПЕИ не пропеа.

Свесен дека во политиката нема место за поединечни плачења, ама од поодамна носам бројни „бисери“ за наша маргинализација во претставничката демократија во државата и политиката, направени од намера, а логиката на апсурдот заобиколена. Не сакам во оваа пригода на носителите на таквите дејанија имиња да им споменам, зашто треба да ги наречам, почитувани.

Таквите полтрони што овде ќе се пронајдат, сакам само да ги потсетам, дека привилегиите од политиката не траат подолго од мандатите, а направените гревови во таа сфера кон луѓето живеат подолго од животот на луѓето. Аман човеку, батали го минатото! Гледај ја иднината! Да, ама кој не комуницира со минатото, тоа и му се повторува, не дај Боже да помислам. Минатото, ако боли, значи не поминало, особено ако вашите порази во претставничката демократија ви биле честитани со полуретардирани насмевки, за да пукнете од мака.

ПОСЛЕДНАТА БИТКА НА ТОРБЕШИТЕ

Еве да бидам и нескромен, како резервен офицер, успешен командант на Реканскиот-дебарскиот партизански баталјон (во резерва), велам успешен, зашто таму немаше политика, а наредбите не се повторуваат двапати. Во моментов како да сум опседнат со помислата на „генерал“ заедно со мојот инает, да влезам во последната битка за „торбешите“, иако сите околу мене ме убедуваат дека ќе ја изгубам, поради што никој не можеше толку да нѐ подели како ние самите.

Во завршниов дел на текстов се чувствувам како збунет студент, кој ништо не научил, а глуми на испит, како да не знае од кај да почне. Ама јас како да сум збунет, како да завршам. Можеби од поодамна требаше да го напишам манифестот на „торбешите“ во Македонија, ама како да не успеав да ја разбудам вербата во себе, како да ме уплаши етнополитичката бучава во мојата земја и затоа што ми било судено да бидам „торбеш“ по раѓање.

Иако не сакам еднаш кажаното да го повторам, во едно мое интервју во неделникот „Република“, објаснив зошто мојата генерација на интелектуалци не успеа да го симне товарот на нашата национална безименост, таму ја кажав следнава моја мисла, со која сакам да го завршам текстов.

Цитирам: Никогаш не заспал гневот во мене од кој извира бол непребол, од пусти нишанења со „торбешкиот“ предзнак во мене, поради што на „торбешки“ координати животот со лузни од балканизми го исцртав, со моето име, мојот јазик, од мојот народ, во мојата земја црвенеев.

„Fokus“ – „Dubai-Portal“