Ердоган по гласањето во Истанбул: „Гласачите ќе ја донесат најправилната одлука“

0
117

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, гласаше на повтореното гласање за градоначалник на Истанбул, јавува Anadolu Agency (AA).

Ердоган, во придружба на сопругата Емине, гласаше на гласачкото место во населбата Ускудар. Заедно со нив на гласачкото место гласаа и турскиот министер за финансии и трезор, Берат Албајрак и неговата сопруга Есра Ердоган.

„Сметам дека гласачите на Истанбул ќе ја донесат најправилната одлука“, рече Ердоган, и додаде дека ќе ги следи резултатите од изборите во Истанбул.

Граѓаните на Истанбул денеска гласаат на повторените избори за избор на градоначалник.

Кандидатите за функцијата градоначалник на Истанбул се Бинали Јилдирим – кандидат на владејачката Партија на правдата и развојот (AK Parti) и Партијата на национално движење (MHP) и Екрем Имамоглу – кандидат на опозициската Републиканска народна партија (CHP) и Партијата ИЈИ (IYI).

Врховната изборна комисија на Турција (YSK) на 6 мај донесе одлука со која се поништени резултатите од претходните избори за градоначалник на Истанбул, и нареди повторување на изборите за таа функција. Резултатите беа поништени откако се утврдени низа нерегуларности и кршење на Изборниот законик, како и поради тоа што на повеќе од 754 избирачки места не биле ангажирани државни службеници како што наложуваат турските закони.

Според податоците на Врховната изборна комисија на Турција (YSK), право на глас на денешните избори во Истанбул имаат 10.560.963 регистрирани гласачи, кои ќе можат да гласаат на вкупно 31.342 избирачки места.

Избирачките места беа отворени во 8:00 часот по локално време, а граѓаните на Истанбул ќе можат да гласаат до 17:00 часот.