Светски ден на слобода на медиумите: Тешки услови, ниски плати, закани и неказнивост

0
144

Во светот денеска, 26-ти пат по ред, се одбележува Денот на слободата на медиумите. Годинешната тема е „Медиумите за демократија: Новинарство и избори во време на дезинформации“, а светската конференција се одржува во главниот град на Етиопија, Адис Абеба.

Генералното собрание на ОН во декември 1993 година го прифати 3 мај како Ден на слободата на медиумите, врз основа на препораките на УНЕСКО и како одговор на Декларацијата од Виндхук за независни медиуми.

Во рамки на Денот на слободата на медиумите се доделува и посебна награда на УНЕСКО, наречена по колумбискиот новинар Гилерм Кан, кој е убиен поради објавени приказни за нарко-картелите во својата земја. Годинешната награда им припадна на новинарите на Ројтерс, Ва Лон и неговиот колега Чо Со У, кои детално го истражувале извршениот масакр врз муслиманското малцинство Рохинџи во селото Ин Дин во Мјанмар.

– Слободните медиуми не се само медиуми со доверливи и точни информации, туку се и столб на демократијата, изјави шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини по повод светскиот Ден на слободата на медиумите.

Прогрес, но недоволен

Северна Македонија бележи скок од 14 места на последниот индекс за слобода на медиумите на Репортери без граници и моментално се наоѓа на 95-то место од вкупно 180 земји во светот. За споредба, минатата година земјата се наоѓаше на 109-то место.

Според оценката на Репортери без граници, овој прогрес се должи пред се на намалувањето на бројот на напади врз новинарите во текот на 2018 година. Сепак, тие ги нагласуваат и негативните појави во медиумската сфера и тоа истите за кои и ЗНМ во претходниот период на повеќе наврати укажуваше и повикуваше на нивно решавање.

Во споредба со балканските земји Македонија се уште се наоѓа на претпоследно место, пред Бугарија, но зад Словенија, Грција, Хрватска, Србија, БиХ, Косово, Албанија и Романија, што потврдува дека треба уште многу да се работи.

-Добро е што земјата бележи прогрес во последниот извештај на Репортери без граници, но Владата, правосудните органи како и самите медиуми потребно е уште многу да работат со цел да се креира амбиент што ќе биде поволен за работата на сите новинари и медиумски работници, велат од Здружението на новинарите.

Дел од овие проблеми се неспроведувањето на реформите во јавниот сервис (МРТ), потребата од измени и дополнувања на дел од медиумските закони како што се: Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, Законот за слободен пристап на информации од јавен карактер, но и Изборниот законик, наведува ЗНМ.

Сериозна забелешка во нивниот извештај е културата на неказнивност кога се повредуваат правата на новинарите со што се стимулира идно насилство кон новинарите и медиумските работници. Освен ова, критика се дава и за тенденцијата на одредени високи владини функционери кои се закануваат и навредуваат новинари, додава Здружението на новинари на Македонија.

Пишувам за корка леб

На првомајскиот протест, в.д претседателот на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) Звездан Георгиевски уште еднаш укажа дека голем дел новинарите и медиумските работници се уште работат во тешки услови, со ниски плати и речиси без никакви работнички прав.

-Никогаш не знаеш колку ќе те платат, никогаш не знаеш дали ќе те платат, а мораш да работиш. Се работи со договори на три месеци, шест месеци, што ја продолжува неизвесноста на професијата, односно ги дисциплинира новинарите, се работи во медиуми кои се навикнати на работа во клиентелизам, во нерегуларни услови и тука не можеме да очекуваме регуларно новинарство, рече Георгиевски.

Ставот на ССНМ е дека новинарите не може да бидат професионални и објективни како што налага нивната работа додека се соочуваат со неизвесна иднина.

Дезинформациите се најголем непријател на демократијата

Слободниот печат не е само весник за сигурни и точни информации, туку е и столб на демократијата, изјави шефицата на дипломатијата на Европската унија, Федерика Могерини.

– Дезинформациите имаат голем потенцијал негативно да влијаат врз демократските процеси и јавните дебати низ целиот свет, а Европската унија не е изземена од тоа, порача Могерини.

Според неа, токму поради тоа е покренат Акциски план на ЕУ против дезинформации, чија цел е зајакнување на општеството во борбата против дезинформациите.

Најмалку 95 новинари загинале лани на работна задача

Најмалку 95 новинари настрадале вршејќи ја својата работа во текот на 2018 година, соопшти Меѓународната федерација на новинари (МФН).

Најголем број загинати новинари е забележан во 2006 година, кога настрадаа 155 припадници на седмата сила.

Вниманието на светската јавност минатата година го привлече убиството на саудискиот новинар и колумнист на „Вашингтон пост“ Џамали Кашоги.

Тој беше убиен на 2 октомври 2018 година во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул, што предизвика дипломатска криза во односите меѓу Анкара и Ријад.

Новинарката Лајра Меки беше убиена минатиот месец додека известуваше за протестите во Северна Ирска. Паравоена формација во таа земја ја презеде одговорноста за нејзината смрт.

Авганистан минатата година беше најопасната локација за новинарите – загинаа 16 репортери.

Во еден од нападите во главниот град Кабул, загинаа девет новинари, кои дојдоа на местото на настанот да известуваат за бомбашкиот напад. Кратко време по нивното пристигнување, бомбаш-самоубиец, преправен како новинар, активираше нова бомба.

Во САД, пет новинари беа убиени во нападот врз „Капитал газета” во Мериленд.

МФН смета дека нетолеранцијата за известувањата, популизмот, криминалот и корупцијата се фактори кои придонесуваат за атмосферата во која се случува повеќе новинари да се убиени при известување во своите градови отколку во воените зони.

Американскиот комитет за заштита на новинарите објави информации за уапсени новинари, а на прво место е Турција со 68 притворени новинари во 2018 година.

Во Кина в затвор се наоѓаат 47 новинари, во Египет 25, а во Саудиска Арабија и Еритреја по 16.

По повод Светскиот ден на слободата на медиумите оваа година, Обединетите нации сакаат да испратат порака за важноста на слободата на медиумите за демократијата, особено за време на избори.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш порача дека ниту една демократија не е целосна без пристап до транспарентни и веродостојни информации.

Кортни Раш од Комитетот за заштита на новинарите посочи дека реториката против новинарите станала епидемична во многу земји, особено на Филипините и САД.

Таа верува дека интернетот и социјалните мрежи создадоа нови проблеми со кои треба да се справат новинарите.

„Репортери без граници“ во извештајот за слобода на медиумите, ја опиша ситуацијата со која се соочуваат новинарите во САД како „проблематична“.

– Американските новинари никогаш не биле изложени на толку многу смртни закани, ниту, пак, толку често барале услуги на приватни компании за обезбедување, се наведува во извештајот. 

Светскиот ден на слободата на медиумите се одбележува од 1993 година секој 3 мај.