Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе испрати и до 15.000 војници на границата со Мексико, пред мигрантскиот караван што се упати кон САД.
Во обраќањето пред новинарите во Белата куќа, Трамп изјави дека може да испрати помеѓу 10.000 и 15.000 војници на границата со Мексико.
Тој посочи дека е многу важно на овие луѓе да не се дозволи да влезат на територијата на САД.
“Никој не влегува. Не им дозволуваме да дојдат. Имиграцијата е многу големо и многу опасно прашање”, изјавил американскиот претседател.
Тој рече дека ќе ја укине финансиската помош за трите земји, Ел Салвадор, Гватемала и Хондурас, кои, наводно, броеле најголем број мигранти што се упатиле кон САД, истакнувајќи дека властите во овие земји не сториле доволно за да го спречат бранот мигранти.
Пентагон во понеделникот објави дека ќе испрати 5.200 војници на границата со Мексико како дел од мерките против караваните на мигранти.
Американскиот генерал Теренс Џон О’Шаунеси им изјави на новинарите дека војниците ќе бидат испратени на јужната граница до крајот на оваа недела.
“Ќе испратиме над 5.200 војници до крајот на оваа недела, а тоа е само почеток на операцијата. Ќе продолжиме да го зголемуваме тој број”, изјавил О’Шахнесе.
Обединетите нации (ОН) објавија дека повеќе од 7.000 емигранти од Централна Америка се на пат кон САД.











