“Аферим за градскиот татко” – Дек(A)шер колумна за в торба.

0
199

Дек(A)шер колумна за в торба

Јас (не)мислам така јас имам ст(р)ав

          Аферим за градскиот татко

 

И оваа година муслиманите не беа поштедени од провокаците врз антиисламска основа. Овој пат не од сцената на пaганскиот карневал во Вевчани туку, како за инат на “радикалниот“ градоначалник Зијадин Села, токму во Струга. Зошто токму во Струга само ним им е јасно. Можеби сакаат да го “смекант“, по сите неуспешни обиди да ги реализира намерите како уривање на портата и црквата во Кореја (Суво поле) ако била во атар на Општина струга (ама не била), да ги зачува двојазичните натписи на патоказите на Вевчани и др. Дури му порачаа дека и спортската сала од Велешта била во чужди, вевчански атар. Можеби се свесни дека политичкиот опстанок на Села во Струга зависи од ВМРО. Има уште многу “можеби“, ама едно е сигурно. За разлика од неговиот предходник тој сега молчи како риба. А се случи на “негов терен“ во Струга.

Да се разбереме, не барам(е) од него да го запали кафулето во кое се случил немилиот настан. Далеку од тоа. А и палењето некако не му оди од рака. И шуќур што е така. Не барам(е) и да прави несоодветни реакции со подбуцнување на Торбешите од Октиси, Лабуништа и Боровец(за некое чудо Подгорци “изостана“) како што тоа го направи неговиот предходник пред две години. Барем да се огласеше со едно соопштение и на еден културен, цивилизиран, човечки и муслимански начин, како градски татко, да го осудеше настанот со апел кон неговите иноверни сограѓани да се воздржат од дејанија кои им штетат на и онака лошите меѓуконфесионални односи во мултинационалната и мултиконфесионалната Струга.

Кога ги спомнав случувањата поврзани со Вевчанскиот карневал од пред две години и поранешниот градоначалник Мерко, сакам да кажам нешто во врска со тоа. Имено, по митингот јас и мојот пријател Мевмет Џемајлоски(пратеник во Собранието на Р. Македонија) од страна на тогашниот муфтија Полиси бевме поканети на кафе во Струшката чаршија. Седнавме на иста маса со градоначалникот и со неколку имами меѓу кои и тројца од Лабуништа. Муабетот го отвори Мерко обраќајќи се на еден постар човек со зборови од типот “рани куче да те лае“, алудирајќи на големиот број вработени вевчанки во Лабуништа, од кои најголемиот број продавачки и нешто помалку персонал во Здравствениот дом, и особено не еден од актерите на гнасната сцена, вработен како лаборантски техничар во истиот. Поентата му беше, демек тие го заработувалле лебот во Лабуништа и сега треба да “платат“ за тоа. Дмек тие се виновни само затоа што се од Вевчани. Не мојш по магарето удри по самарот!

Веднаш реагирав обраќајќи му се лично дека не е добро да се оптужат тие што работат во Лабуништа бидејќи немаат ама баш никаква врска со случајот и најверојатно не биле и присутни таму тој ден. Биле на работа. И не е добро да се бара персонална одговорност од никого освен од организаторот, градоначалникот на Вевчани и најмногу од министерката за култура на Р. Македонија која ем беше присутна таму, ем “нејзиното“ министерство со 50.000 евра го финансираше карневалот од  парите на сите граѓанаи. И тогаш, а Бога ми и сега, сметам дека тоа ќе беше најсоодветна, најисправна и најефикасна реакција. На тоа, еден од лабунишките имами прокоментира дека тоа  не е можно бидејќи овој проблем бил (пазите!) локален проблем, а министерката била државен, владин чиновник. Сквернавење на Кур’ан, исмејување со исламот и муслиманите бил локален проблем! А министерката била владин (демек) недопирлив висок (до небото)службеник. Аман ја Рабби!

Пратеникот Џемајлоски(кој тогаш и не говореше со Градоначалникот Мерко) му се обрати на лабунишкиот имам во стилот “велам ти го ќерко дошикуј се снао“. За Мерко беше наменето. “ Може , може ефендија! Има начин. Јас ќе покренам иницијатива во Собранието за интерпелација на министерката Камчева, ќе се потрудам да издејствувам поддршка во опозицијата и ако вашата партија (ДУИ) се придружи и гласа “за“ министерката ќе замине од таа функција и секој нареден министер ќе внимава каде, како, кому и за што дава народни пари“!

Се разбира дека градоначалникот и неговата ДУИ не мислеа така. А и да мислеа, рака на срце, не можеа. Не можеа по магарето па удрија по самарот. А самарот беа Торбешите. Тие го јадоа стапот. Во Октиси шовинистички пароли испишани на една црква, во Боровец сквернавен крст. Додуше стануваше збор за крст од две обични даски, но како и да е станува збор за нечиј свет симбол. Во Лабуништа запалена просторијата за дрва, но по светот одекна сензационалистичка вест за палење на црква во Лабуништа.

Не мислам, а тоа го делат многумина со кои сум разговарал, дека тоа биле спонтани изливи на бес и незадоволство. Напротив. Уверен сум дека некој вешто ги инструирал сторителите на ваквите дејанија. Дека тоа беше така покажа и времето. Се помина во стилот “чув не чув, видов не видов“ или “ни лук јало ни лук мирисало“. Градоначалниците Мерко (ДУИ) и Илиевски (ВМРО) си подадоа рака, Нокој никому не се извини, никој не превзеде мерки за некаква одговорност. Само споменатите торбешки села ни криви ни должни останаа забележани како верски шовинисти пред очите на слободномислечката, а Бога ми и на пошироката јавност. Велам ни криви ни должни затоа што сум уверен дека Торбешите тоа никогаш не би го сториле. Сторителите на овие гнасни дела останаа еднигма. Полицијата не ги откри, го покри случајот но не и сомнежите.

А велат, кој не ја научил лекцијата таа му се повторува. За среќа оваа година во Вевчани немаше такви глупости. Очигледно тие ја научија лекцијата што не може да се рече за стружани. Мотивите можат да бидат различни, како на тие вандали што се изживуваат со исламското знаме така и мотивите осносно причините зошто не реагира граскиот татко. Да беше во прашање знамето на Р. Албанија како ќе беше? Зарем на Села и неговиот тим во општината тоа е “посвето“? Нека се консултира со неговиот пријател и (со) работник Ќазимоски(др. на исламски науки) или со тие од Муфтиството за тоа кое знаме (треба да) е посвето. Јас би му ја препорачал пораката на неговиот предходник Мерко од митингот пред две години која от прилика гласеше вака:

– Може некој да прави сатира и да се поигрува со политичарите, со градоначалниците со пратениците, со премиерот, со владата.. но никој не смее да се погрува со верата и верските чувства. Тоа е играње со оган во кој можеме сите да изгориме.

По онаа несреќна изјава (ќе го палим Парламентот!) на нашиот градски татко Села кога беше пратеник, јавноста во Македонија му залепи етикета “пироман“. За среќа засега тој не ја “оправдува“ таа етикета. Можеби исклучок се неговите обиди да ги пали срастите по Торбешките села. Таму менува те директори на училишта те претседатели на управни одбори, те месни заедници, те сака да ги стави под своја капа и она малку ресурси со кои стопанисуваат селата како водоводите канализациите и комуналиите. Заради тоа мора да излегува по локалните медиуми со полувистини, невистини, лаги  и клевети по сите оние кои не му се по негова мерка.  Ама никако да го реши проблемот со нафтата и греењето во училиштата, па наместо да ги запали печките за парно греење(да обезбеди нафта) тој ги остава кутрите деца да се мрзнат во училниците. И тоа не само тие во Подгорци каде жителите не не му се многу лојални, ами и оние во Лабуништа и другите, не само торбешки села, и македонските и албанските. И во градот Струга иста состојба во основните и средните училишта. Нема нафта, нема парно, нема оган. Има “ледено смрзнување“! Аферим за градскиот татко.

                                                      

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here