Пред четири месеци на овие страници известувавме за либанската економска криза. Тогаш на улиците на Бејрут еден американски долар се менуваше за 40 илјади либански фунти (локални лири), додека пред кризата во 2019 година, еден долар вредеше 1.500 лири. Тогаш сите ни велеа дека лирата ќе продолжи огромно да тоне, но дека во март годинава ќе падне на ниво од 110 илјади во однос на доларот, малкумина предвидуваа.

Поради рекордното потонување на валутата, луѓето ширум Либан деновиве ги блокираа патиштата и протестираа. Мандатот на претседателот Мишел Аун заврши минатата година, а нов претседател се уште не е избран. Без претседател или полноправна влада, властите допрва треба да ги одобрат реформите што ги бара Меѓународниот монетарен фонд во замена за спасувачката програма на земјата. Минатата година Централната банка остана без девизни резерви и ги укина субвенциите за увоз на највиталните добра. Цените на струјата, водата и бензинот се зголемија за 595 отсто меѓу јуни 2021 година и јуни 2022 година и продолжуваат драстично да растат. Во земја со 6,5 милиони жители, околу 80 отсто од луѓето денес живеат во сиромаштија, додека пред кризата процентот на сиромашното население беше меѓу 30 и 40 отсто.

Деновиве, од Либан излегуваат вести за луѓе кои масовно ограбуваат гробишта додека секторите за образование и здравство доживуваат целосен колапс; работниците со месеци немаат земено плата, а повторените штрајкови не носат промени. Ограбена е и архивата на либанската национална новинска агенција, а од воените возила масовно се украдени оружје и бензин. Продолжуваат грабежите на банки, „тренд“ кој започна минатата година, а се работи за тоа дека граѓаните упаднаа во банките и главно само бараат пари од нивните сметки кои беа замрзнати на почетокот на кризата.

Граѓаните во февруари ја запалија филијалата на банката Ауди во бејрутскиот кварт Бадаро, а неколку напади и кражби беа регистрирани и во банки во други градови. За ова посветено и контекстуално известуваат неколку независни медиуми кои сè уште постојат во земјава, а пред нив постојано се поставуваат нови пречки. Безбедносните служби на почетокот на април го повикаа на распит еден од основачите на порталот Мегафон њуз, Жан Касир, а истиот ден беше приведена и Лара Битар, главната уредничка на Јавен извор. Иако либанските власти на почетокот изгледаат тврдоглаво, истражувачот на либанското работничко движење Леа Бу Катер забележува дека Либан не е „пропадната држава“ кога станува збор за кооптирање или уништување на движењата што го предизвикуваат системот. Кога треба да прекинете штрајкови или да апсите новинари, државата одеднаш постои и е многу ефикасна.

(ТБТ, медиуми)