Претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган рече дека турскиот народ не ги заборави и нема да ги заборави оние кои силно се спротивставија, како и оние кои аплаудираа на воениот удар и процесот на пучистите познат како „28 февруари“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Процесот попознат како „28 февруари“ во турската политичка историја е опишан како „постмодерен воен удар“ и се случи на денешен ден пред 25 години.
Ердоган им се обрати на учесниците на собирот што се одржа во Културниот центар Ататурк по повод 25-годишнината од настаните, организиран од фондацијата „Шуле Јуксел Шенлер“.
На почетокот на своето обраќање, тој оддаде почест на поранешниот турски премиер Неџметин Ербакан, писателот Мухсин Јазиџиоглу и други истакнати личности кои низ историјата на Турција се бореле за нејзиниот напредок и силно се спротивставиле на воените удари.
„Нашиот народ никогаш не ги заборави и нема да ги заборави оние кои стоеја исправено против пучот во тие кобни денови, како и оние кои аплаудираа на пучот и пучистите. Овој народ ги осуди пучистите и оние кои го поддржаа пучот, прво на гласачките кутии, а потоа и во совеста“, рече Ердоган.
Нагласувајќи дека Турција и нејзиното раководство се свесни за сите предизвици и дека незапирливо продолжуваат по патот на напредокот и развојот, Ердоган рече дека протагонистите на немилите настани од пред 25 години добиле заслужени казни.
„За прв пат во историјата, оние кои ја злоупотребуваат волјата на нацијата мора да одговараат за своите злосторства пред законот, како и пред советот на нацијата. Демократијата во Турција созреа и политичкиот естаблишмент се ослободи од горчината што трае од 1960 година“, рече Ердоган.
Процесот „28 февруари“ започна откако Советот за национална безбедност на Турција донесе низа одлуки на 28 февруари 1997 година, често нарекувани како постмодерен воен удар против Владата на тогашниот турски премиер Неџметин Ербакан и тогашната турска министерка за надворешни работи Тансу Чилер.
Меморандумот усвоен од военото раководство на Турција во 1997 година резултираше со вмешаност на војската во извршната власт и колапс на Владата на чело со тогашниот премиер Ербакан.
Пред да поднесе оставка, Ербакан беше принуден да потпише сет на реформи кои вклучуваа, меѓу другото, забрана за пристап до јавните институции за покриени жени и затворање на верските училишта.










