Емирот на Кувајт во саботата издаде два декрети за помилување и намалување на казните на 35 дисиденти, исполнувајќи го клучното барање на опозициските пратеници кои веќе неколку месеци се во конфликт со владата, објави „Reuters“.
Емирот шеик Наваф ал-Ахмед ал-Сабах, го отвори патот за амнестија за политичарите и поранешните пратеници, што опозицијата го постави како услов за ставање крај на политичкиот ќор-сокак што ги попречува планираните фискални реформи во богатата заливска држава.
Објавен во Службен весник, декретот ги укина затворските казни за 11 политичари, меѓу кои Мусалам ал-Барак, Џаман ал-Харбес и Фаисал ал-Муслим, кои беа осудени за упад во зградата на парламентот за време на протестите на Арапската пролет во 2011 година.
Дисидентите, кои им се придружија на демонстрантите во обвинувањето на владата за корупција и лошо управување, живеат во самонаметнат егзил во Турција откако избегаа од Кувајт.
Емирот ги помилува и членовите на таканаречената „ќелија на Адали“, која беше разбиена во 2015 година, кои беа осудени за шпионирање за Иран и либанската шиитска муслиманска група Хезболах.
Владата на Кувајт во понеделникот поднесе оставка до емирот, бидејќи властите работат на ублажување на разликите со парламентот, кои ги блокираа економските реформи и ја оптоварија државната каса поради ниските цени на нафтата.
Емирот допрва треба да ја прифати или отфрли оставката на владата.
Кувајт не дозволува политички партии, но на своето законодавно тело му даде поголемо влијание од сличните тела во другите монархии во Персискиот залив, вклучително и овластување да донесува и блокира закони, да испрашува министри и да поднесува гласови за недоверба на високи владини функционери.
„Dubai-Portal“
„MEMO“








