На неколку метри од источните ѕидови на комплексот Ал-Акса се наоѓаат гробиштата Ал-Јусуфија, стари со векови, познати и како гробишта Баб ал-Асбат (Порта на лавот).

Во текот на изминатите неколку недели на социјалните мрежи се шират видеа и фотографии на кои Палестинците не сакаат да ги напуштат гробовите на членовите на нивните семејства додека израелските сили ги апсат, тепаат и се обидуваат насилно да ги однесат.

Израелските окупациски власти во Ерусалим ги продолжуваат плановите за изградба на еврејски „национален парк“ кој ќе биде отворен во средината на 2022 година над делови од гробиштата, кои се протегаат на парцела од повеќе од 14 дуни (1,4 хектари) земја.

Пред три недели, работниците од општина Ерусалим под контрола на Израел и израелскиот институт за природа и паркови открија човечки остатоци за време на ископувањата, што предизвика бес и бран постојани протести и молитви.

Оттогаш Палестинците го зголемија своето присуство на гробиштата, вклучително и оние кои доаѓаат да ги заштитат своите рахметлии (мртви) и се судрија со израелските сили, кои одговорија со употреба на солзавец, шок-бомби, физички тепања, апсења и привремени забрани за поединци да ги посетуваат гробиштата.

Најмалку тројца Палестинци беа ранети, а седуммина беа приведени во петокот по џума намаз (молитва) на местото, заедно со десетици други во текот на изминатите неколку недели.

Следната недела во израелскиот окружен суд во Ерусалим, се очекува да се одржи рочиште за втората петиција поднесена од палестински адвокати кои живеат во Ерусалим, против тековните ископувања.

Осумнаесетгодишниот, Омар Рашадех, е еден од Палестинците уапсени од израелските сили на гробиштата на 25 октомври.

„Клањав сабах намаз, а потоа дојдов да го заштитам гробот на мојот дедо и гробовите на мртвите муслимани“, рече Рашадех Ал Џезира.

„Окупаторските сили ме нападнаа со тешки удари при апсењето кога се обидов да го заштитам гробот на дедо ми“, рече тој.

По неговото апсење, израелските сили го приведоа Рашадех на сослушување, пред истиот ден да го ослободат и да му издадат привремена забрана за посета на гробиштата.

„Иако ми е забрането да доаѓам на гробишта, доаѓам секој ден. Ќе останам овде дење и ноќе да го бранам гробот на мојот дедо, кој почина минатата година и кој беше толку љубезен кон мене цели 17 години“, продолжува тој.

Гробиштата Ал-Јусуфија се едни од палестинските и муслиманските знаменитости во окупираниот Источен Ерусалим. Датира од периодот на Ејуб, кога изградба била наредена од муслиманскиот водач Салахудин ал-Ејјуби, познат и како Јусуф б. Ејуб, по кого се именувани овие гробишта.

Уништување на гробовите

Продолжението на овие гробишта се наоѓа на источната страна и е посебно познато како Гробишта на шехидите (мачениците), каде во моментов се вршат ископувања. Името го доби по јорданските, ирачките и палестинските борци кои беа убиени во Ерусалим додека го бранеа од израелските сили за време на војната во 1967 година.

Набргу по израелската окупација на Источен Ерусалим, Западниот Брег и Газа, општината Ерусалим го зазеде земјиштето на кое се наоѓаат гробиштата.

Во текот на изминатата деценија, окупационите власти презедоа чекори за промена на карактеристиките на ова место. Во 2004 година издадоа наредба да се уништат голем број гробници и забранија секакви работи за одржување.

Десет години подоцна, властите спречија копање нови гробници и им забранија на жителите на Ерусалим да ги закопуваат своите рахметлии таму, додека уништија низа гробови на Јорданци.

Во декември 2020 година, израелска општина Ерусалим, на која и се приклучија еврејски доселеници, започна со спроведување на проект за изградба на парк и урна еден од ѕидовите околу гробиштата, како и неколку археолошки скали на локацијата.

Мустафа Абу Зехра, кој го предводи Комитетот за зачувување на исламските гробишта во Ерусалим, изјави за „Ал Џезира“ дека израелската окупаторска општина и Институтот за природа и паркови „имаат намера да ги уништат глетките околу џамијата Ал Акса“.

Тој рече дека гробовите на гробиштата Ал-Јусуфија им припаѓаат на палестинските ерусалимски семејства Бакарат, Набабта, Башир и Рашадех, меѓу другите.

Абу Зехра објасни дека лицата кои го вршат ископот и израмнувањето со булдожери на терен се еврејски доселеници од Институтот за природа и паркови и дека се вооружени.

Јудаизација на исламските знаменитости

Комитетот рече дека ископувањата во Ал-Јусуфија се дел од политиката на Израел за напаѓање на исламските локации во Ерусалим.

„Нападите на исламските гробишта во Ерусалим започнаа веднаш штом започна окупацијата на овој град [1967], со цел уништување и јудејизирање на арапските и исламските знаменитости“, рече Абу Зехра.

Тој посочи на неколку палестински гробишта со таква политика, вклучувајќи ги и гробиштата Ма’ман Аллах – едни од најстарите во градот.

Овие гробишта и просторот што им припаѓа се преименувани во „Мамила“, додека неговите делови се срамнети со земја за да се изгради јавен парк како и израелски музеј.

Абу Зехра рече дека на гробиштата на палестинските села кои беа етнички исчистени во 1948 година, „останале само неколку гробници“ како во селата Јалу и Имвас, на периферијата на Рамла, каде Израел го изградил „Канада парк“.

Слично на тоа, во она што сега е познато како Западен Ерусалим, останале само неколку гробници во етнички исчистените села Малха и Деир Јасин.

„Овие гробници сè уште се сведоци на злосторството“, рече Абу Зехра.

И назад на гробиштата Ал-Јусуфија, Рушдех се сеќава како неговиот покоен дедо ги греел рацете во зима.

„Ако му подадев рака, тој ќе почувствуваше колку ми се ладни рацете и ќе ги држеше во неговите додека не се загреат. Денеска доаѓам да му го стоплам гробот со мое присуство“, рече тој.

Ола Набабта, една од жените која минатата недела беше снимена како одбива да го напушти гробот на нејзиниот син додека израелските сили се обидуваа да извршат ископувања во негова близина, вели дека доаѓала на овие гробишта двапати неделно за да се моли за нејзиниот син Алаа.

„Само преку мене мртвите ќе го откопаат гробот на мојот син“, изјави Набабта за Ал „Џезира“, објаснувајќи како била претепана.

Набабта рече дека другите двајца нејзини синови, Баха и Ихаб, биле погребани на гробиштата Баб ал Рахма, каде што израелските власти исто така копаат гробови и каде што сега забрануваат погребување.

„Гробиштата Јусуфија и гробиштата на шехидите (мачениците) се места каде што се погребани сите семејства од Ерусалим“, рече Набабта.

„Израел ги принудува жителите на Ерусалим, живи и мртви, да го избришат своето присуство во овој град и да го контролираат и јудејизираат овој град.


„Aj“
„Dubai-Portal“