Денеска на Европското првенство завршуваат осминафиналните натпревари, следува можеби најинтересниот пар во оваа фаза, Англија – Германија, иако досега не можеме да бидеме разорачани од тоа што го покажаа учесниците во изминатиот период со своите игри и голови.

Од 18.00 часот на стадионот „Вембли“ во Лондон е дуел кој најмногу привлекува внимание, европска класика, интересен и бурен историјат на ривалства на овие две репрезентации од кои сигурно се очекува да приредат спектакл.

Англичаните беа првопласирани во својата група без поголеми проблеми, а ова ќе биде четврти последователен натпревар во нивниот „храм“, па како домаќини имаат мала предност.

Германците играа променливо во „групата на смртта“, па некои се пошегуваа дека по дуелот со светскиот и европски шампион, Французите и Португалците, натпреварот со Англичаните ќе биде најлесниот. Традицијата вели дека нема фаворити, обете селекции имаат по 13 победи во меѓусебните дуели, шестпати одиграле нерешено.

Од 21.00 часот на „Хемпден Парк“ во Глазгов селекцијата на Шведска за противник го има составот на Украина.

На Швеѓаните им се дава фаворитската улога, а избраниците на селекторот Андриј Шевченко ќе се обидат да ја продолжат серијата на изненадувања, откако претходно Чесите и Швајцарците ги елиминираа едни од најголемите фаворити за титулата на ЕП, Холандија, односно Франција.

Во меѓусебните дуели Украинците имаат подобар скор, две победи, пораз и реми.

Sloboden pecat