СКОПЈЕ (АА) – Три деца починаа, а седум лица се повредени, од кои четворица се во животна опасност, при експлозијата на плинска боца во кумановското село Романовце, потврди министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Филипче ги посети повредените кои се хоспитализирани на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) во Скопје и информираше дека се хоспитализирани вкупно седум пациенти.
„Примени се вкупно седум пациенти со изгореници од настанот со експлозија на плинска боца во кумановското село Романовце. Четворица се сместени тука, во Клиничкиот центар, и тројца во старата Градска болница. Од четворицата сместени тука двајца се наоѓаат на Клиниката за пластична хирургија, двајца мажи на 60-годишна возраст, и две жени на 40 и 45-годишна возраст на Одделот за интензивна нега“, изјави министерот Филипче.
Според министерот Филипче, меѓу тројцата пациенти во старата Градска болница во Скопје една е жена на 40-тина години, која е на Одделот за интензивна нега, една е помлада жена на 20-тина години, којашто е бремена, и едно е дете коешто има мал процент на изгореници.
„Од вкупно седумте пациенти, четворица се со висок степен на изгореници и се наоѓааат во животна опасност. За жал, имаме информациja дека три деца се починати на самото место. Се преземаат сите мерки на интензивно лекување“, изјави министерот Филипче.
Тој додаде дека во старата Градска болница во Скопје е започната хируршка интервенција за обработка на раните на хоспитализираното дете, информирајќи дека будно ќе се следи состојбата од експертите за пластична хирургија и од дежурните анестезиолози.
Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија соопшти дека утрово во кумановското село Романовце, при експлозија на плинска боца, настанал пожар во кој три малолетни лица на возраст од 8, 9 и 11 години починале на местото на настанот, а шест лица се пренесени во Општа болница Куманово, каде што им се констатирани тешки телсени повреди, па поради сериозноста на повредите се префрлени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
„Пожарот е изгаснат од противпожарната единица од Куманово. Известен е јавен обвинител и увидна екипа од СВР Куманово е упатена на местото на настанот со цел утврдување на причините кои довеле до несреќата“, се вели во соопштението на МВР.









