Игнорирајќи ги договорите од Астана и Сочи, силите на режимот на Асад напредуваат кон Идлиб. Умерената вооружена опозиција која започна операција против силите на режимот јужно од Идлиб, влезе во селото Нејраб. Продолжуваат интензивните судири во селото.
Опозицијата со цел да ги поврати териториите што силите на режимот ги освоија јужно од Идлиб, влезе во селото Нејраб, кое се наоѓа северозападно од градот Серакиб.
По топовското гранатирање на позициите на режимот во селото, умерената вооружена опозиција започна да напредува по копно, уништувајќи еден тенк и оклопно возило на режимот, а еден тенк заплени.
Во селото продолжуваат жестоките судири меѓу умерената вооружена опозиција и силите на режимот.
Селото Нејраб беше освоено од страна на режимот на 3 февруари.
Округот Серакиб се наоѓа на една стратешка точка во која се соединуваат Автопатот М5 кој ги поврзува Дамаск и Алепо и Автопатот М4 кој ја обезбедува поврзаноста меѓу Идлиб, Латакија и Алепо.
– Не се однесуваат во согласност со договорите од Астана и Сочи
Северозападната сириска покраина Идлиб од самиот почеток на граѓанската војна е упориште на опозицијата. Во моментов, популацијата на Идлиб со внатрешната миграција достигна 4 милиони луѓе. Од март 2015 година се наоѓа под контрола на опозицијата. Идлиб е место кое е најмногу напаѓано од страна на режимот.
На состанокот во Астана што се одржа на 4-5 мај 2017 година, на којшто учествуваа Турција, Русија и Иран, формирани се четири деескалациски зони, Идлиб и околните области (Латакија, Хама и Алепо), северното подрачје на Хомс, подрачјето на Источна Гута во главниот град Дамаск и подрачјата во јужниот дел на земјата (Дера и Кунејтра). Но режимот и терористите поддржани од Иран, и покрај одлуката за прекин на огнот, благодарение на руската поддршка од воздух, од четирите зони, освен Идлиб, ги зазедоа сите територии.
Во септември 2018 година, кога силите на режимот ги интензивираа воените активности, Турција и Русија на 17 септември 2018 година во Сочи постигнаа дополнителен договор, со цел зацврстување на примирјето. Кус период владееше примирје, а силите на режимот во мај 2019 година започнаа копнена операција со цел потполно заземање на целиот регион.
Министерот за одбрана на Турција, Хулуси Акар, на 10 мај 2019 година изјави дека поради зголемените напади од страна на режимските елементи јужно од Идлиб, вооружените притисоци започнати на 6 мај преминале во копнена операција.
Од тој период наваму, силите на режимот и неговите поддржувачи со помош на артилериски и воздушни напади ги зазедоа големите градови Кефренбуде, Хан Шејхун, Маратинуман, Серакиб и голем број населени места во јужните и југоисточните предели на Идлиб, северните и источните рурални предели на Хама и јужните и западните рурални предели на Алепо.
Од потпишувањето на Договорот меѓу Русија и Турција во Сочи досега, во нападите на режимот и Русија во деескалациската зона во Идлиб животот го загубија над 1.800 цивили. Од јануари 2019 година досега, бројот на мигранти што избегаа од местата на кои се спроведуваат интензивни напади кон релативно побезбедни места во близина на границата со Турција се зголеми на 1 милион 942 илјади.









