АНКАРА (АА) – По своето долго патување од преживувањето на хаосот од граѓанската војна до заминувањето во Лондон да студира, 19-годишниот сириски бегалец во разговор со Агенција Анадолија (АА) ги сподели своите искуства од осумгодишната војна, проблемите со кои се соочуваат бегалците, како и напорите на Турција да му помогне на регионот.

Во знак на Меѓународниот ден на мигрантите, младиот Сириец Исмаил Хамуд изјави дека тој нелегално патувал од Сирија во Велика Британија за да продолжи со своето образование. Сега тој студира Глобална политика и меѓународни односи на Универзитетот „Биркбек“ во Лондон.

Кога имал 15 години, неговото училиште било затворено како последица на сириската граѓанска војна, при што тој бил принуден да го прекине своето образование. Поради тоа одлучил да го напушти својот роден град Алепо и да замине на студии.

„Тогаш ми изгледаше невозможно да заминам во Европа на таа возраст, но се одлучив на тој чекор за да продолжам со моето образование“, изјави Хамуд.

Но напуштањето на неговата земја било тешко бидејќи потекнувал од аристократско семејство кое длабоко се спротиставувало на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад.

Тој се грижел за своето семејство. Откако разговарал со нив, започнал со своето патување со малку пари во него.

Ја преминал границата во јужна Турција благодарение на политиката на отворени врати и успеал да стигне во Анкара.

Два месеца подоцна, патувал во Измир, кој претставува центар за нелегалните мигранти и бегалци.

Кога Хамуд пристигнал во Измир, со помош на другите бегалци стапил во контакт со некои криумчари.

„Заминав со брод од Измир во Грција, но сето тоа беше на нелегален начин“, изјави Хамуд.

И покрај големиот број трагедии кои се случуваат со бегалците во Егејското Море, неговиот обид бил успешен.

„Мојот прв обид за премин беше успешен“, рече Хамуд.

„Немав никакви проблеми, но морав да патувам од Грција во Франција. Патував преку Северна Македонија, Унгарија, Австрија, Германија, Франција, користејќи различни видови транспорт како возови, автобуси, а понекогаш и пешачев.“

– Калаис – „џунгла“

По месец и пол, неговото патување завршило во бегалскиот камп „Калаис“ во северна Франција, на брегот наспроти Довер, Англија. Овој камп има лоша репутација.

Ишмаел рече дека мигрантите таму кампот го нарекувале „џунгла“.

Престојувал во кампот 13 месеци, но изјави дека не би било фер кон Турција да го споредуваат кампот со џунгла.

„Турција им овозможува на луѓето да живеат во многу добри услови. Камповите имаат сѐ што им е потребно на бегалците, како објекти за едукација, медицински и инфраструктурни услуги. Камповите се целосно обезбедени и многу удобни”, рече Хамуд.

Раскажа дека неколкупати се обидувал со брод да стигне до Велика Британија, но бил фатен многупати.

– Амандманот на Дабс – 

Само неколку недели подоцна откако бил фатен и вратен назад во кампот „Калаис“, Хамуд бил прифатен во Велика Британија во рамките на британскиот закон познат како Амандманот на Дабс.

Овој амандман – именуван по британскиот политичар, лорд Алфред Дабс, поради неговиот обид да се усвои – дозволува 3.000 деца да побараат азил во Велика Брианија, но подоцна бил укинат поради лошо управување.

Пред неколку децении, Дабс и неговото семејство биле принудени да го напуштат својот роден град во Чехословачка, бегајќи од прогонот на нацистите.

Благодарение на законот, Ишмаел стана еден од околу 350 бегалски деца кои дојдоа во Велика Британија нелегално.

И покрај годините поминати во бегалските кампови и во патување, без едукација, тој денес студира на Универзитетот „Биркбек“ во Лондон на насока од областа на политиката.

Споделувајќи ги своите амбиции, Ишмаел рече: „Сакам да бидам дипломат, за да можат да работам на политиката за Блискиот Исток и да обезбедам подобра иднина за сирискиот народ.“

– Турција е втор дом на сириските бегалци – 

Хамуд рече дека за да се одбере поразличен пат од останатите е потребно жртвување.

Додаде дека се борел со тоа што бил сам и му недостигало неговото семејство.

„Разговарам со моето семејство преку телефон. Да се вратам во мојата земја не претставува опција за мене, затоа што во рамките на британскиот закон, не можеш да се вратиш во земјата од која потекнуваш“, изјави Хамуд.

Но како што тој вели, Турција за многу сириски бегалци кои не можат да се вратат во својата земја, им претставува втор дом и место за да се сретнат со своите блиски.

„Турција не е само место за средба, таа стана втор дом за сирискиот народ. Се сретнав со моето семејство минатата година во периодот околу Божиќ. Заминав во Анкара, а тие дојдоа таму од Сирија“, изјави Хамуд.

Тој ја нагласи важноста на Турција за сириските бегалци во Турција и пошироко, со зборовите: „Ниту една земја во светот не направи повеќе од Турција за сирискиот народ.“

Исто така, Хамуд ги пофали антитерористичките операции на Турција во северна Сирија кои се извршени во изминатите неколку години за да се воспостави безбедносна зона за сирискиот народ.

„Тоа е првиот чекор во расчистување на пограничниот регион од терористите. Се надевам, сирискиот народ во Турција кој живее во камповите, ќе може да се врати во Сирија и ќе започне да работи на обновување на своите домови“, рече Хамуд.

Сега Хамуд работи во британскиот Парламент со Дабс (87), член на Домот на лордовите. И, тој се надева дека ќе им помогне на другите луѓе кои имаат слични проблеми како оние со кои тој се соочил.

Турција е земја која е домаќин на најголем број бегалци и ја прифати политиката на отворени врати за Сиријците по избивањето на граѓанската крвава војна во Сирија во 2011 година.

Оттогаш, речиси 4 милиони Сиријци кои ја напуштија својата земја, се засолнија во Турција.