Во 10 прашања, зошто Турција го купува системот за ракетна одбрана „С-400“

0
343

(Дубаи-Портал)Откако Турција не доби позитивен одговор на барањето за ракетниот систем „Патриот“ од сојузникот САД, Анкара започна самата да бара систем за воздушна одбрана што би го купила

АНКАРА (АА) – Откако Турција не доби позитивен одговор на барањето за ракетниот систем „Патриот“ од сојузникот САД, Анкара се осврна кон други алтернативни решенија, разгледувајќи ја руската атрактивна понуда и донесе одлука да го купи системот за воздушна одбрана „С-400“, јавува Anadolu Agency (AA).

Со тек на време, првенствено поради војната во соседна Сирија, се зголемија безбедносните потреби за заштита на воздушниот на Турција. Откако НАТО-сојузниците не ѝ ја дадоа потребната поддршка, Турција се насочи кон формирање сопствен систем за воздушна одбрана.

Турција се подготвува да ѝ биде испорачан системот за воздушна одбрана „С-400“, кој денес претставува еден од најзначајните воени технологии, од аспект на техничките карактеристики, трансфер на технологии и заедничко производство, и излегува во преден план пред своите конкуренти.

Турција планира со купувањето на системот за воздушна одбрана „С-400“ да го заштити својот воздушен простор од можни закани.

Процесот на купувањето на системот за воздушна одбрана „С-400“ од страна на Турција, новинарот на АА го претстави во 10 прашања.

1. Зошто Турција купува систем за воздушна одбрана?

Турција до НАТО поднесе барање за зајакнување на системот за ракетна одбрана против можни балистички ракетни закани, по што, почнувајќи од 2013 година, сојузничките земји во Адана го позиционираа „Патриот“, а во Кахраманмараш системот за воздушна одбрана SAMP-T.

Проценувајќи го ова преодно решение како несоодветно за задоволување на потребите на воздушната одбрана, Турција започна активности за производство и развој на систем за воздушна одбрана, бидејќи не може една ваква стратешка потреба да ѝ биде препуштена на иницијативата на друга земја.

Во тие рамки, покрај проектите за производство на систем за воздушна одбрана со голем дострел со национални можности, Турција започна позитивно да гледа и на набавката на систем за воздушна одбрана и од други земји.

2. Зошто Турција сака да го купи системот „С-400“?

Турција која ѝ придава приоритет на безбедноста на својот воздушен простор, како прво, со цел да ги задоволи своите итни потреби, даде позитивен одговор на атрактивната понуда од страна на Русија и на дневен ред ја постави понудата за набавка на напредниот систем за воздушна одбрана од руско производство „С-400“.

Со купувањето на системот „С-400“, кој денес е еден од најважните воени технологии во светот, Турција има за цел да го заштити својот воздушен простор од можни закани и да ја обезбеди сигурноста, зајакнувајќи ја одбраната со модерен систем за одбрана.

3. Кои се техничките карактеристики на „С-400“?

„С-400“ се оценува како еден од најдобрите системи за воздушна одбрана, и е дизајниран за уништување воени авиони, авиони за откривање радари и контроли, извиднички авиони, стратегиски и тактички авиони, тактички, тактичко-оперативни балистички проектили, балистички проектили со среден дострел, хиперсонични цели и други средства развиени за воздушни напади.

Ракетниот систем „С-400“ има способност проектилот „40N6“ од многу голем дострел да го погоди на оддалеченост од 400 километри, проектилот „48N6“ од голем дострел на оддалеченост од 250 километри, проектилот „9M96E2“ со среден дострел на 120 километри и проектилот „9M96E“ со кус дострел на 40 километри оддалеченост.

Системот „С-400“ истовремено може да користи ракети од кус, среден и долг дострел, а далечните цели може да ги открие на оддалеченост од 600 километри и да исфрли ракета која се движи со брзина од 4,8 километри на час. Системот реагира на целта за време пократко од 10 секунди.

4. Зошто Турција го купува „С-400“, а не „Патриот“?

Администрацијата на САД, која не гледа позитивно на фактот дека Турција, како членка на НАТО, го купува ракетниот систем „С-400“, на Турција ѝ препорачува како алтернатива на „С-400“ да го купи системот „Патриот“.

Но Турција во 2013 година оствари средба за купување на системот за воздушна одбрана „Патриот“ од САД, но САД одбија да ги споделат техничките карактеристики на „Патриот“ со Турција и поради високата цена на системот, Анкара започна да бара алтернативни решенија за купување систем за воздушна одбрана од други земји.

Цената, испораката, заедничкото производство и трансферот на технологија што ги понуди Русија ги задоволија очекувањата на Турција, по што Анкара позитивно се приближи кон активностите за купување на системот „С-400“.

Од друга страна, гледајќи од технички аспект, системот „С-400“ ја детектира заканата на оддалеченост од 600 километри, балистичките цели на оддалеченост од 60 километри, на 400 километри оддалеченост аеродинамичките цели и целите со висина до 10 метри, додека проектилите на американскиот систем „Патриот“ можат да елиминираат цели на висина од минимум 60 метри.

5. Други земји што се заинтересирани за „С-400“

Русија претходно на околу 20 земји им го продаде ракетниот систем „С-300“, меѓу кои се наоѓаат и земјите од ЕУ, Бугарија, Грција, Хрватска и Словенија. Ракетниот систем „С-400“ го купија Белорусија (2016) и Кина (2018). Други земји со кои Русија преговара и планира да им го продаде ракетниот систем „С-400“, покрај Турција, се Индија и Саудиска Арабија.

Во тие рамки, Индија, која се интересира за купување на „С-400“, минатата година потпиша договор со Русија во висина од над 5 милијарди долари за купување на 5 системи „С-400“.

6. Кој е процесот за испорака на „С-400“?

Според договорот што Турција и Русија го потпишаа во септември 2017 година, Турција за сума од 2,5 милијарди долари ќе купи од Русија 2 системи „С-400“, кои се состојат од вкупно 4 батерии. Во тие рамки, во согласност со изјавите што ги дадоа турските власти, се планира првата испорака на системот „С-400“ да биде извршена во јули оваа година.

7. По „С-400“, дали ќе започнат активностите за „С-500“?

Русија продолжува со развивање систем сличен на „С-400“. Во тие рамки, познато е дека во најскоро време ќе се премине кон производството на „С-500“, кој е прифатен како понапредна технологија од „С-400“.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган, давајќи зелено светло за системот „С-500“, имаше изјавено: „Можеби по „С-400“ ќе преминеме на С-500“.

8. Кои се ставовите на лидерите за купување на „С-400“ од страна на Турција?

Претседателот Ердоган, нагласувајќи дека нема да има враќање назад во однос на купувањето на „С-400“ од Русија, додаде: „Работата за „С-400“ ја завршивме, во никој случај нема да има враќање назад. Се договоривме со Русија, започнуваме со заедничко производство, можеби по „С-400“, ќе почнеме со производство на С-500“.

„Тие што нè предупредуваат за „С-400“, зошто тоа не ѝ го направија на Грција за „С-300“? Зошто не ја предупредија Бугарија за „С-300“? Зошто не ја предупредија Словачка за „С-300“? И тие истовремено се земји членки на НАТО, предупредете ги и нив, ајде, зошто не го правите тоа кон нив?“, запраша Ердоган, одговарајќи на предупредувањата во насока да не го купува системот „С-400“.

Рускиот претседател Владимир Путин, за време на неговата посета на Турција минатата година, на состанокот со претседателот Ердоган изјави дека е одлучено да го скратат времето за испорака на С-400 системите.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во својата изјава во врска со одлуката на Турција за набавка на системите за противвоздушна одбрана „С-400“ од Русија, рече дека развојот на воените капацитети на земјата е нивна национална одлука, додавајќи дека за НАТО е важно да се има можност да се работи заеднички во различни системи.

9. Каква е реакцијата на САД за купување на „С-400“ од страна на Турција?

Стејт департментот на САД истакна дека може да се применат различни санкции кон Турција доколку ги купи системите за воздушна одбрана „С-400“ од Русија.

Роберт Паладино, заменик-портпаролот на Министерството за надворешни работи, истакна дека САД не ја менуваат позицијата во однос на „С-400“ и истакна дека САД се сериозно загрижени поради иницијативата на Турција да ги купи системите од Русија.

Паладино изјави дека јасно ја информирале Турција дека доколку го купи системот „С-400“ од Русија ќе дојде до преиспитување на учеството на Турција во програмата на авионите „Ф-35“, а во иднина би бил загрозен и трансферот на другото потенцијално оружје. Паладино, исто така, изјави дека во рамките на „Законот за борба против непријателите на САД со санкции“ (CAATSA) сите државни или приватни институции вклучени во купувањето на „С-400“ можат да бидат предмет на можни санкции.

10. Што е CAATSA?

„Законот за борба против непријателите на САД со санкции“ (CAATSA), кој беше донесен минатата година од страна на Конгресот на САД, предвидува санкции кон трети земји и компании кои соработуваат со руските одбранбени и разузнавачки институции и организации.

Mahir Demişoski