Само за последните десет години, бројот на ученици во основните и во средните училишта е намален за 27 илјади. Намалувањето на бројот на ученици е особено изразен во средното образование, каде само за десет години, бројот на ученици е намален дури за 20 проценти, односно за 17 илјади ученици, а во основното образование, намалувањето изнесува 5 проценти, односно 10 илјади ученици.
Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации кое се базира на податоци од Државниот завод за статистика покажува дека во две третини од општините има намалување на бројот на ученици, додека зголемување има во десет скопски општини и во 9 други општини, надвор од Скопскиот регион.
Преполовени паралелки
Најголемо намалување на бројот на ученици во вкупна бројка има во општина Гази Баба, каде во последната учебна година имало дури 2.389 помалку ученици отколку пред десет години. Следна општина е Тетово каде имало речиси 1.500 ученици помалку, само за период од десет години. Со намалување од по илјада ученици следуваат: Центар, Струга, Куманово и Гостивар.
Во релативни бројки, најголемо намалување на бројот на ученици во осмолетка има во општина Ново Село, каде само за десет години, бројот на ученици во односното образование е преполовен, односно е намален за 57 отсто. Намалување на бројот на ученици за третина има во општините Маврово и Ростуше, Вевчани, Кратово и Пехчево. Намалување за една четвртина на бројот на основци има во Врапчиште, Конче, Зрновци, Гази Баба и Берово.
Скопските општини уште добро се држат
Зголемување на бројот на ученици, пак, имало во десет општини од Скопскиот регион, а со тоа и во Градот Скопје во целина. Најголемо зголемување и во вкупна бројка и процентуално има во Бутел и Карпош. Во Карпош, во последната учебна година имало речиси 2,5 илјади повеќе основци отколку пред десет години, што е зголемување на бројот на ученици за 56 %. Во Бутел, зголемувањето е за околу 2 илјади ученици, односно за 59 %. Слично е и во Ѓорче Петров каде зголемувањето е за 43 %, односно за нешто повеќе од илјада ученици.
„Надвор од Скопје, зголемување имало во девет општини, но во сите заедно имало само илјада ученици повеќе сега отколку пред десет години. Тоа се претежно мали општини како Чашка, Теарце, Ресен и Крушево. Единствено од поголемите градови, само во Струмица има зголемување на бројот на основци за околу 400, односно за 9%“, посочуваат од Центарот за граѓански комуникации.
Повеќе на:dw.de









