Германскиот производител на автомобили „Даимлер“ соопшти дека не знае од каде лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун, набавил негови луксузни блиндирани лимузини.
Од компанијата соопштија дека не му ги продале тие затоа што ги почитуваат санкциите на Обединетите нации.

Ким е забележан во лимузина на „Даимлер“ на неколку самити, меѓу кои и на самитот што се одржа оваа недела со рускиот претседател, Владимир Путин, во Владивосток, како и на неговите претходни два самити со американскиот претседател, Доналд Трамп.
На земјите-членки на ОН им е забрането на Северна Кореја да ѝ продаваат луксузна стока, вклучувајќи и лимузини поради санкциите кои имаат за цел да го притиснат Пјонгјанг да се откаже од развојот на нуклеарно оружје.
Но, оваа недела Ким користеше две лимузини во Владивосток. Тој парадираше во „мерцедес мајбах С600 Пулман Гуард“, а позади него се движеше „мерцедес мајбах С62“.
„Немаме апсолутно никаква идеја за тоа како возилата се испорачани во Северна Кореја. Нашата компанија повеќе од 15 години нема никакви деловни врски со Северна Кореја и строго се придржува до ембаргото. За да се спречи испорака во Северна Кореја и во која било од нејзините амбасади во светот, имплементиравме сеопфатен процес за контрола на извозот. Но продажбата на возила од страна на трети лица, посебно половни возила, е надвор од нашата контрола и одговорност“, рекла портпаролката на „Даимлер“, Силке Мокерт.
„Даимлер“, со седиште во Штутгарт, важи за еден од најголемите автомобилски гиганти во светот. Тие се еден од најголемите производители на висококвалитетни патнички автомобили и најголем производител на камиони над 6 тони.









